Се разгорува „војната“ меѓу БЕГ и РКЕ

Ќе се менува ли цената на парно греењето во Скопје? Не стивнуваат препукувањата меѓу БЕГ и Регулаторната комисија за енергетика околу цената на топлинската енергија. РКЕ тврди дека за 15% е пониска цената по која ТЕ-ТО и продава топлинска енергија на БЕГ. Од БЕГ ја обжалија одлуката. Велат трошоците биле многу поголеми, па намалувањето на цената не требало да се случи, а регулаторите одлучиле спротивно на Законот за енергетика. Тврдат дека не е точно дека ТЕ-ТО работела многу поефикасно од БЕГ.

„Доколку ТЕ-ТО АД не работи и не испорачува топлинска енергија, трошоците за крајните корисници на топлинска енергија не само што нема да се намалат, туку ќе пораснат за повеќе од 7%. За 7% ќе поскапи и трошокот за набавка на природен гас на сите потрошувачи. Ефикасноста на ТЕ-ТО АД при производството на електрична и топлинска енергија не надминува 80%, а додека ефикасноста на топланите управувани од БЕГ надминува 98%” – велат од БЕГ.

Првиот регулатор Марко Бислимовски остро ги отфрли овие обвинувања. Вели секогаш цената од комбинираните електрани била многу пониска од онаа на топланите. Тој смета дека е економски нелогично фирмата на која и се намалува трошокот за набавка на енергија да се жали и да бара тој трошок да биде повисок.

БЕГ информира дека се подготвува за претстојната грејна сезона и дека ќе ја врши дејноста до кога им важи лиценцата, до 2047-мата година. Бислимовски, пак, не ја исклучи можноста, повод за ваквите препукувања да е евентуалното преземање на дистрибуцијата од страна на „Градски енергетски системи“. Новоформираното претпријатие од Град Скопје се уште не доставило барање за добивање лиценца, само ги побарало потребните информации како да го стори тоа. Од РКЕ уверуваат дека процесот ќе бил транспарентен.

-Една од причините за поднесената тужба од БЕГ дистрибуција е стравот дека РКЕ ќе настапува пристрасно при доделување на лиценцата за Градски енергетски системи (ГЕС). Напротив, постапката што ќе се води во РКЕ за давање лиценца за ГЕС ќе биде во согласност со Законот за енергетика и Правилникот за лиценци и со ред други закони. ГЕС досега нема доставено барање за лиценца, туку само барање за информација за добивање лиценца. РКЕ пред да издаде лиценца треба да ја одземе лиценцата на БЕГ дистрибуција. При одземањето на лиценцата за БЕГ дистрибуција ќе имаме во предвид дека постои важечки договор со ПУИГ и ред други работи, рече Бислимоски.

Инаку, на крајот на јули, Регулаторната комисија ја намали цената на парно греењето за потрошувачите на БЕГ за 6%, на ЕЛЕМ Енергетика за 13,5% и на Скопје Север за 12%. Со тоа, цените на месечните сметки се намалија за 100 до 200 денари.

Тања Попова