Се радикализираат протестите на тутунарите, без исполнување на барањата – нема повлекување од сообраќајниците

        Македонските тутунопроизводители немаат намера да отстапат од протестите се додека не биде корегирана годинашната катастрофална откупна линија. Лути, гневни и крајно изреволтирани од манипулативниот однос на откупувачите, тие денеска шест часа го блокираа патниот правец Прилеп-Градско, на превојот Плетвар, со синхронизирани протести и во други делови од државава, освен во Струмичко-радовишкиот регион каде протестот им бил забранет.

    „Имаме протести во Велес, имаме протести во Конче, проблеми имаме во Струмица и во Радовиш, каде луѓето се одвраќаат да протестираат. Ние  утре ќе присуствуваме во Струмица и Радовиш, да ги охрабриме“, – изјави Игор Мирчески од ИО на незадоволните тутунари.

     Бидејќи тутунарите немаат намера да отстапат ниту од своите барања, ниту пак од протестите, за утре е закажана нова средба, овој пат, директно со откупувачите, од кои ќе побараат писмени гаранции за понатамошниот тек на откупната линија.

   „Пет проценти одбиток, максимален. Да се откупи секој килограм тутун во државата и тие што го викаат како вишок, по реална цена..флексибилна линија на откуп како минатата и пред минатата година. Знаат тие како..ако не знаат, ќе им формулираме како тоа треба да се одвива…максимална цена, ако тоа се постигне ќе дојде до 190-200 ден., без никаков проблем“, – дециден е Мирчески.

     Напоредно со протестите, тече и откупот на тутунот, на кој што, тутунарите имаат сериозни зебелешки.

     „Просекот беше 170 ден. Ние ќе бидеме задоволни ако помине, како што рече Игор, 190-200 денари. Нашата мака ние сакаме само да се плати, ништо друго. Не сакаме да го земаат тоа што е квалитетно и убаво, тие го земаат во „четворка“ и “тројка“, а знаеме како беше минативе години, дека се беше „прва“, „втора“, – вели Ријад Рамиќевиќ, тутунопроизводител од с. Лажани.

    Освен ова, тутунарите ,по примерот на тиквешките лозари, побараа и заедничка средба во републичкото Собрание со премиерот Заев, министерот за земјоделие и со пратениците, бидејќи се сомневаат дека откупувачите со малверзации при проценката, достигнуваат просечна откупна цена од 170 ден, која не била реална, што уште повеќе го зголемувал нивниот револт. Протестите продолжуваат и утре.

  Каролина Дурло

Advertisements