Се преполни капацитетот на прилепското Инфективно одделение

         Инфективното одделение во прилепската Општа болница станува претесно за да ги прими пациентите, заразени со Ковид 19. Додека за изградбата на монтажните болници се уште абер се нема, а бројот на заболени со Коронавирусот секојдневно расте, во прилепското Инфекивно одделение, во моментов, хоспитализирани се 31 пациент, иако место има само за 30. Болниците, препуштени сами на себе, се снаоѓаат како знаат и умеат.

     „Доколку се заклучи дека на Интерно одделение е некој позитивен за Ковид и е лечен заради инфаркт, да речеме, ќе остане таму, во посебен оддел за изолација.Така што секој оддел си има и треба да си има, доколку нема, соба за изолација, каде што ќе се третира не само сомнителен, туку и позитивен“, – објаснува раководителката на Инфективно, д-р МИРЈАНА КРСТЕСКА.

      Дали ваквото решение е најсоодветното и колку е ризично за другите пациенти, не успеавме да дознеме, бидејќи надлежните од Болницата, денеска не одговараа на наште телефонски повици.

        Згора на ова, во прилепската Болница мака мачат и со преморениот и хронично дефицитарниот персонал, а проблем имаат и со тешките, повозрасни пациенти со Ковид 19, кои според д-р Крстеска, не им ги примале во скопските болници, оти и самите биле преполни.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста