Се подготвува ребаланс – ќе се кратат ли платите во администрацијата?

Ќе има ли кратење на платите на административците? Ова прашање се уште не било предмет на дискусија – уверува министерот за економија Крешник Бектеши. До крајот на неделава се очекува и официјално да биде објавен ребалансот на буџетот. Со прекројувањето на државната каса, треба да има пари и за третиот пакет мерки за излез на стопанството од криза. Во владата има различни мислења дали треба 120 илјади вработени во јавниот сектор да се сведат на минималец. Министерката за финансии е за, додека Бектеши е против кратење на примањата.
Занаетчиите се незадоволни од досегашните два пакета мерки за помош на економијата. Бараат мерката за државна помош за исплата на плати за нив да важи до крајот на епидемијата, а не само два месеци. Бараат и конкретна кредитна линија што ќе биде наменета само за нив, еднократна парична помош, како и ослободување од фирмарина, аконтации за данок на личен доход и ослободување од придонеси за здравствено и пензиско осигурување.
Владата досега скрати едвај 106 милиони евра од буџетот. Советникот во Владата Фатмир Битиќи рече дека расходите во буџетот можат да се намалат за само 40 милиони евра и дека подрастичен пад може да има само ако министрите се согласат околу намалување на платите на административците. Синдикатите очекувано веќе се изјаснија против.
Тања Попова