Се отвора можност Асанж да биде екстрадиран во САД

Вишиот суд во Лондон ја дозволи жалбата на САД кои бараат основачот на Викиликс, Џулијан Асанж да се екстрадира во САД и таму да се соочи со кривичните пријави, меѓу кои и за кршење на законот за шпионажа и за заговор за хакирање на владини компјутери, пренесува Ројтер.

Судијата Тимоти Холројд рече дека Судот ја дозволува жалбата на САД.

Доколку Асанж биде екстрадиран и обвинет би можело да добие 175 години казна затвор.

Судија од понискиот суд претходно го одби барањето на Америка, Асанж да биде екстрадиран поради обвинението за шпионирање, односно поради објавување на Викиликс на тајни воени документи пред 10 години. Судијката Ванеса Бараистер од Окружниот суд, одби Асанж да биде екстрадиран од здравстени причини, велејќи дека постои веројатност Асанж да се самоубие ако биде држен во тешки затворски усови во САД.

Но и без разлика на денешната одлука постои веројатност дека вклучените страни ќе се жалат, пренесува АП.

Асанж во Соединетите држави се соочува со 17 обвиненија за шпионажа и едно обвинение за злоупотреба на компјутер во врска со објавувањето на илјадници воени и дипломатски документи на Викиликс во 2010 и 2011 година.

Асанж беше уапсен во Лондон на барање на САД откако беше протеран во април 2019 година од Еквадорската амбасада, каде се наоѓаше во засолниште од 2012 година, откако Еквадор му додели политички азил.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста