Се остава простор за малверзации: Експертите со недоверба за пописот

Тешко е да се верува во резултатите и процентите од пописот кој според многумина на крајот е некомплетно завршен. Самиот факт што повеќе од 130 илјади граѓани биле административно заведени, односно без вера и националност, фрла сомнеж врз објавените проценти. На овој став е и социологот Илија Ацески, кој вели дека тие 7.2 проценти од граѓаните се добар терен за малверзации со процентите.

-Да се верува на попис во оваа ситуација која што беше пред пописот и денес во резултатите е малку тешко. Има многу факти кои упатуваат да не веруваме. Тие 7.2 проценти се поле на малверзации, на разни шпекулации. Тие не се знае што се по националност, етникум, религија, вели Ацески.

Според пописот во Македонија живеат 1.836.713 граѓани, односно само 12 илјади повеќе од гласачите запишани во избирачкиот список. Ова фрла дополнителен сомнеж околу вистинитоста на бројките и процентите кои ги објави директорот на Статистика Апостол Симовски.

Бројките се уште почудни со оглед на тоа што дури 360.000 илјади од попишаните се граѓани без право на глас, односно помлади од 18 години. Значи според пописот имаме помалку од 1 и пол милион резидентно население со право на глас, а во избирачкиот список за последните локални избори, имаме 1.824.864 гласачи. Универзитетскиот професор Владимир Божиновкси прашува како може да имаме исто попишани граѓани и гласачи во избирачкиот список.

-Тоа го зборев и 2016-та година кога тогаш од опозициската СДСМ излегуваа и велеа дека ќе ги одложуваат и ги одложуваа изборите изборите цела година, дека во Македонија 600 илјади луѓе се иселени и дека има милиони и 400 илјади луѓе и дека избирачкиот список е милион 800 илјади луѓе и тука власта манипулира. Е како сега избирачкиот список е милион и 800 илјади, а имаме милион и 800 илјади попишани, нели беа милион и 400 илјади, изјави Божиновски.

Успешноста на пописот се доведува во прашање и со самата изјава која во минатото ја даде директорот на Статистика. Симовски порача дека доколку голем број граѓани го бојкотираат пописот тој е неуспешен.

Сомнеж врз успешноста на пописот фрла и самото тоа што иако во државата официјално живеат милион и 800 илјади, издадени се дури 600.000 државјанства повеќе. Во вистинитоста на бројките од пописот се сомнева и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, најави дека откако тие ќе дојдат на власт ќе спроведат нов попис, кој ќе биде спроведен електронски, а ќе ги даде вистинските бројки.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста