Се обидува ли владата да го смири револтот околу субвенционирањето на вработувања според етничка застапеност?

Се обидува ли Владата да го смири револтот во јавноста по најавата дека ќе се субвенционираат вработувања по етничка припадност во приватниот сектор? Откако претходно се пофали со успехот на ДУИ да го убеди премиерот, Владата да дава пари за фирмите да ангажираат Албанци, сега вицепремиерот Груби ретерира. Тврди дека и за вработување на Македонци во Тетово и Гостивар ќе се давале субвенции. Не знаел зошто се кренала толкава врева во јавноста околу оваа мерка.

„Најискрено да ви кажам, не ми е јасно затоа што тоа е всушност почитување на Уставот. Уставно начело е правичната застапеност. Тоа го правиме во нашите институции. Зошто не би го правеле и во компаниите? Не зборуваме за вработувања на неквалитетни кадри или кадри коишто не ги исполнуваат условите за да ги извршат работните задачи. Зборуваме за најтранспарентен начин за избор на најквалитетните кадри, притоа запазувајќи го и уставното начело за адекватна застапеност“ – рече Груби.

И премиерот се обиде давањето пари на фирмите за вработувања по етничка линија да го објасни со таканаречениот регионален пристап, односно во општините каде што се малцинство, да се ангажираат Македонци со субвенции од Владата.

„Дефинитивно кажувам, субвенции ќе има за сите, за сите етнички заедници, за сите иницијативи. Регионалниот пристап ќе продолжи. Ќе гледаме низ регионите и низ потребата од квалификувана работна сила, но и мотивацијата на граѓаните да се квалификуваат за потребите на пазарот на трудот“ – вели Заев.

За разлика од Заев и Груби кои зборуваат за етничка застапеност во приватниот сектор во кој Владата не би требало да има ингеренции, за Вицепремиерот Фатмир Битиќи, професионалноста и стручноста, а не етничката припадност треба да има клучно влијание и при ангажирање и при субвенционирање на вработувања. Сепак, одби да одговори дали биле одобрени финансии за оваа мерка во 4-тиот пакет помош за бизнисот, во претстојниот ребаланс или пак во буџетот за наредната година.

„Пристапот и на претходната Влада, и на оваа Влада, е ист. Секој граѓанин е еднаков и добива еднакви можности и еднаков третман. Мислам дека е неблагодарно да целиме јавните пари да се делат по етничка основа. Дали навистина за едно болно дете ќе треба да прашаме дали тоа дете е Албанец, Турчин или Македонец и така да ги даваме парите. Мислам дека во едно правично општество, тоа треба да го заборавиме. Единствен пристап треба да биде јавните средства да стигнуваат таму каде што е потребно“ – вели Вицепремиерот за економски прашања Битиќи.

Јавноста бурно реагираше на предлогот на ДУИ. Според граѓаните, но и бизнис заедницата, изјавата на Груби е уценување на компаниите. Критиките се дека е недопустливо работниците да се дискриминираат по етничка основа и власта да се меша во приватниот сектор.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста