Се најде привремено решение за платите на пожарникарите

Се договорија скопскиот градоначалник  и пожарникарите, ама само привремено. Шилегов прво се искара со нив, им рече ако се назадоволни да си најдат нова работа, сега ќе го гасне пожарот. Денеска потпиша правилник според кој пожарникарите од следниот месец ќе ги добиваат надоместоците на плата за опасност при работа .

Првиот човек на градот вели дека станува збор за привремено решение, кое е постигнато преку правилник при Министерството за одбрана, додека да се донесе новиот закон за пожарникарство, во јуни следната година.

  • Најдовме законска форма овој проблем да биде бајпасиран со потпишувањето на денешниот правилник, до донесувањето на законот. Моето инсистирање, и како градоначалник и како претседател на ЗЕЛС, е дека ние мора да имаме законска форма на решавање на проблемот на пожарникарите на ниво на целата држава, бидејќи ова е едно парцијално решение кое се однесува само на противпожарната бригада на Град Скопје. Овие луѓе секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ги отстранат опасностите во кои се наоѓаат граѓаните и таа нивна благородна дејност мора да биде опфатена со целосно законско решение – рече градоначалникот Шилегов, по средбата.

Инаку парите кои пожарникарите треба да ги добиваат во месечната плата како додаток при опасност, до сега ги добиваа само преку судски пат. Откако средбата со Шилегов заврши безуспешно тие, според првичните најави протестираа секој работен ден пред градските власти.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста