Се модернизираат патарините, почнува електронската наплата

Да платиш патарина без да застанеш на рампата. Вака од денеска ќе изгледа поминувањето на патарините на автопатот од Скопје до Гевгелија. Ова ќе важи за сите кои ќе имаат посебни тагови во своите возила. Што се однесува пак, до електронската наплата, возачите од кога ќе ја купат картичката достапна на сите пунктови, на рампата треба само да ја допрат картичката на читачот од патарината и рампата ќе биде крената.

Од ЈП за државни патишта очекуваат со новиот систем, гужвите на патарините да станат минато.

– Картичките и таговите ќе може да се купат на наплатните станици на Коридор 10 и во Контролниот центар во Петровец по што во наредниот период продажната мрежа ќе се прошири во институци со кои ќе склучиме договори за дистрибуција. Најдоброто нешто е што кога еднаш ќе земете картичка, нема повторно да мора да доаѓате за надополнување, бидејќи има веб апликација и може сами да ја надополните на телефон, рече директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, кој очекува до крајот на годинава 30 до 50 проценти од учесниците на сообраќајот да користат електронски систем на наплата.

Попуст ќе има за поевтина патарина, но истиот ќе можат да го искористат траспортните компании, но тоа е речиси невозможно за обичните граѓани.

Картичките и таговите може да се купат и надополнуваат кај Контролниот центар Петровец. Неговата изградба чини 1,5 милини евра. Освен во новата зграда, надополнувањето може да се врши и на наплатните рампа, но и онлајн. А за тоа колку пари сте потрошиле и уште колку имате на располагање, увид ќе има преку интернет страната.

Камерите поставени на автопатот ќе даваат информации за наплатата на патарините, но и за евентуален застој или несреќи на патот.

Наскоро, овој контролен центар ќе биде поврзан со оној во Неготино, кој го мониторира движењето по новиот автопат до Гевгелија. Од тука ќе се следи сообраќајот и на новиот автопат до Штип.

Инаку, до мај идната година се очекува сите патарини да бидат дигитализирани. Акцентот во иднина ќе се стави на електронската наплата, но сепак плаќањето во готово нема да се укине.

Борис Грујоски