Се кревале дронови, се следел секој негов чекор – Мицкоски во опозиција бил главна „мета“ на безбедносните служби
Името на Христијан Мицкоски било на врвот на листите на безбедностите служби додека беше лидер на опозицијата. За него важеле посебни мерки и постојано бил мета за обработување од агенциите за безбедност. Ова го откри премиерот на брифинг со новинарите. Мицкоски реагира дека бил третиран како терорист, постојано го снимале и го документирале секое негово движење, дури и со дронови. Неговото име било поприсутно во белешките на АНБ и Агенцијата за разузнавање, дури и од оние на познати криминалци од подземјето. Директорот во тоа време како причина навел дека Мицкоски бил мета на следење оти наводно ја загрозувал безбедноста.
- „Во белешките на Агенцијата за разузнавање има основ дека јас сум ја загрозувал безбедноста. Агенцијата за разузнавање води истрага и треба да ја заврши и во декември да брифира на затворена владина седница, додека истовремено Владата бара декласификација и на белешките на АНБ со цел содржината да биде обелоденета“ рече Мицкоски на брифингот со новинарите.
Во операцијата против Мицкоски, оперативците прикажувале дури и измислени активности за да му се додворат на тогашниот директор. Оделе и дотаму што измислувале активности и присуство на Мицкоски на настани и локации каде тој никогаш и не бил.
Мицкоски е дециден дека ова мора да прекине бидејќи не смееме да продолжиме да живееме во вакво општество во кое што службите ќе бидат злоупотребувани.
Дека поранешната власт ја следела ВМРО-ДПМНЕ како тогашна опозиција премиерот предупреди вчера на собраниска говорница. Како што кажа, се дигале дронови над неговата куќа, се пишувале белешки од службите кога присуствувал на терен во Прилеп односно службите кои треба да разузнаваат и контраразузнаваат го следеле претседателот на опозицијата со дронови оперативни и оперативно технички средства. За ова, рече Мицкоски мора да има одговорност.