СДСМ во отворен „лов“ на пратеници?

СДСМ го смени вордингот, до вчера се обраќаа до сите политички чинители да им се приклучат за состав на нова влада, денеска пак подецидни, бараат пратениците од идниот состав да бидат дел од како што велат прогресивните сили.

Сите пратеници во наредниот парламентарен состав ќе имаат можност да  се приклучат на прогресивните сили предводени од СДСМ кои обезбедуваат успех, напредок и развој, поддржани од мнозинството граѓани и меѓународната заедница, соопштија денеска преку соопштение социјал-демократите.

Дали со ова се потврдуваат шпекулациите кои деновиве кружат по политичките кулоари, дека социјал-демократите се пуштени во лов на народни избраници од другите политички партии. Особено дека лидерот на СДСМ, наводно добил ветување од пет пратеници на ДУИ дека ќе му помогнат да состави Влада без Али Ахмети.

Првиот човек на Левица пак отворено кажа дека има сознанија дека СДСМ сака да купи пратеници за да си обезбеди влада.

„Во моментов додека разговараме се прави обид за купување на 5 пратеници од страна на СДСМ. Јас ги знам и по име, и по презиме, и по детали. Значи се уценувани т.е. се подмитувани со станови во Скопје, сумата се движи од 100.000 до 500.000 евра за да преминат во таборот, и сето ова е недозволиво во еден систем кој претендира да биде европски“, посочи Апасиев.

Во меѓувреме омекнуваат и ставовите на ДУИ врз кои ја базираше цела изборна кампања, односно условот за преговарање со нив да е премиер Албанец. Теута Арифи сега вели темата е вредна за разговор, не споменувајќи дека е црвена линија за преговорите како Охридскиот, Преспанскиот и договорот за добрососедство со Бугарија. Тој став го промовираа и Груби, но и Османи.

Од БЕСА се уште нема ни глас, ниту се јавуваат со партиски соопштенија ниту пак одговараат на прашањата на медиумите , дали размислуваат да излезат од колцијата Можеме.

За Алијанса на албанците е важно ДУИ да биде во опозиција, додека пак ВМРО-ДПМНЕ си тераат своја агенда за формирање влада.

Сепак кој и да успее да направи влада се поверојатно е дека таа нема да биде стабилна, а ќе мора да се соочи со тешки предизвици – тешка здравствена, но и економска криза.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста