СДСМ одлично котира во предизборието меѓу жителите на „Идризово“

Скандалозни партиски снимки од ќелиите на затворот „Идризово“ се шират по социјалните мрежи. На видеата јасно се гледа како се собрани затвореници Роми, Македонци и Албанци во една просторија во затворот, а на масата има амблеми и пароли на СДСМ.

Имено, Јане Тица, сподели видео на својот Фејсбук профил од затворот во „Идризово“, каде престојува поради убиството на Ромео Живиќ во центарот на Скопје, во 2004 година.

Од снимките се слуша како тие велат дека се собрале, за да и докажат на СДСМ дека биле многу јаки, силни и дека не се даваат. Од видеата може да се види како говор држи Јане Тица, кој е најзаслужен за преминувањето на ромите од ВМРО-ДПМНЕ во СДСМ, како што се слуша на снимката. Тие на Тица му даваат чесен збор дека ќе бидат со СДСМ.

Според просторијата и бројот на затвореници станува збор за петтото крило на затворот „Идризово“. Откако снимките се појавија на социјалните мрежи, утрината била издадена наредба да се изврши претрес на ќелиите, за да се утврди дали видео-клиповите се нови.

Дека видеата се тазе снимени, за Алфа потврди и првиот човек на затворот „Идризово“, Боби Мојсоски. Рече дека тие биле снимени вчера, а затворската управа постапила согласно Законот. Човекот што држел говор бил санкциониран, а од затворските ќелии биле одземени два телефона.

Инаку на видеото свој коментар даде и директорот на скопската Зоолошка градина, Ѓоргија Галетановски, кој под постот на Фејсбук напиша „Јане Легендо“.

Бирис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста