СДСМ лути на Максим Димитриевски: Го исклучија од партијата бидејќи отиде како независен кандидат

Контра најавите за демократија во партијата, Максим Димитриевски доби исклучување од СДСМ, бидејќи одлучи да оди како независен кандидат за Куманово. Иако според последните анкети тој има најголем рејтинг во градот, неговата партија реши да оди со друго име. Низ јавноста има повеќе шпекулации, кои се причините за тоа. А она што најгласно се споменува е несогласувањата со лидерот Заев, како и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој е токму од Куманово. Поради ова, откако стана јасно дека СДСМ нема да го поддржи, Димитриевски реши да трча како независен, а генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски со малку лут тон, соопшти дека поради ова кумановскиот градоначалник, повеќе нема да биде дел од социјалдемократите.

-Ќе започнам од бастионот на СДСМ, победничко Куманово. Во општината каде што актуелниот градоначалник самиот отиде против себе, против СДСМ, против граѓаните, со што и самиот се исклучи од партијата, одиме на победа со Оливер Илиевски. Да биде јасно СДСМ во Куманово има еден кандидат, ја има најдобрата понуда за кумановци, а тоа е Оливер Илиевски, изјави Николовски.

Она што е чудно во ваквата одлука на партијата е што доаѓа само неколку дена откако Заев ги поздрави независните кандидати, велејќи дека тие биле доказ за демократијата и она за што тие се бореле.

-Тоа се должи на слободата и демократијата, ја сакавме и ја живееме. Ова е убавината. Ние не ја потценуваме ниту една листа, важна е секако. Но СДСМ знаете дека од 2013-та година па наваму е единствен, настапува единствено и овој пат ќе настапува единствено, изјави Заев.

Без поддршка од партијата за втор мандат остана и уште еден градоначалник за кој се шпекулира дека не е баш во најдобри односи со Заев и раководството, станува збор за Саша Богдановиќ од Центар. Тој беше еден од оние кои порачаа дека треба да се слушне гласот на Бранко Црвенковски, кога поранешниот лидер побара одговорност од Заев.

-Многу е битно да знаеме што е цената што треба ние како општество да ја платиме. Сепак верувам дека се искрени намерите и како сугестии и како критики, добронамерни предлози, се со цел да се постигне едно единство, зборам како држава, не како партија за да имаме ај да кажам еден исчекор во оној еден процес, во кој што за жал сме биле долго време заглавени, изјави Богдановиќ.

СДСМ со нов кандидат ќе оди и во Струмица, родниот град на Заев. Таму поддршката од партијата ја доби пратеникот Костадин Костадинов, кој важи за еден од најблиските луѓе од доверба на премиерот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста