СДСМ излажа, Антикорупциска потврди: Синот на премиерот Мицкоски не престојувал во САД на државен трошок
Паднаа обвинувањата на опозициската СДСМ. Синот на премиерот Мицкоски не бил дел од државната делегација, не присуствувал на ниту една средба, сам платил за патувањето и сместувањето во Вашингтон и не злоупотребил државни пари и воопшто не бил прекршен никаков закон. Државната комисија за спречување на корупција го отфрли поднесокот против премиерот Мицкоски и неговиот син за патувањето во Вашингтон и со тоа го затвори предметот. Според документацијата, Антикорупциска констатираше дека синот на премиерот за се сам си платил, односно воопшто не бил сместен во хотелот со владината делагација, туку во апартман на друга лоакција. Зоран Богоевски, членот на Антикорупциска вели дека по поканата од Вашингтон за присуство на македонската државна делегација на Самитот на НАТО, владата предвидела да отпатуваат 21 лице, направила резервација за нив, а во САД отпатувале исто толку – 21 лице. Во овој список не бил синот на премиерот. Тој не бил на ниту една од службените средби, туку присуствувал само на предавањето на неговиот татко на Универзитетот Џон Хопкинс по претходно упатена покана од страна на Универзитетот, од каде е и фотографијата што ја злoупотреби СДСМ.
„Од приложените фактури се констатира дека ова лице не престојувало во хотелите кадешто била сместена државната делегација туку во апартманско сместување и истите не се фактурирани на име на делегацијата на РСМ како што е случајот со сместувањето на државната делегација. Тие фактури гласат на име на физичко лице “ – вели Зоран Богоевски, член на Државната комисија за спречување корупција.
Антикорупциската Комисија формираше предмет по допрен глас за ова патување, затоа што од посетата наваму, опозициската СДСМ постојано обвинуваше дека синот на Мицкоски бил на шетање со државни пари, а според нив, премиерот намерно не ги објавувал приватните сметки и со тоа потврдувал дека такви сметки воопшто не постојат. Премиерот Мицкоски во фејсбук статус напиша дека конечно се потврдиле лагите на СДСМ. Го обвиниле и осудиле Јован без доказ и само затоа што бил негов син. Побара прошка од својот син затоа што морал да го преживее ова.
„Останува горчината за лагите на СДСМ и нивните мегафони, посебно што нападнаа тинејџер кој ќе живее, учи и се гради како личност во средина во која политичките лешинари не бираат средства и начин во политичката арена. И тогаш имате морален хазард, истите градат среќа врз туѓото инволвирање во политика, затоа што со реални факти и аргументи не можат. Но вистината победи. Во моето однесување никогаш не сум прекршил закон, тaка и ќе продолжам“
По одлуката на Антикорупциска, од Владата велат дека сега конечно станало јасно дека ваквите обвинувања биле неосновани. Таа бара извинување од СДСМ.
„Денес се гледа јасно од каде дојдоа овие шпекулации и ако ништо друго, очекуваме во најмала рака да има извинување за сите шпекулации коишто можеби имаа друга цел со ширењето на ваквите невистини“ – изјави портпаролката на Владата Марија Митева.
Инаку, 18- годишниот Јован Мицкоски беше во Вашингтон додека таму беше неговиот татко, премиерот Христијан Мицкоски на официјалното патување во САД на Самитот на НАТО, на кој се одбележаа 75 години од формирањето на Алијансата.