СДСМ и ДУИ гласаа против декларацијата за Гоце Делчев

Бугарија го присвои, а власта не сака да го брани – пратениците од СДСМ и ДУИ во Законодавниот дом гласаа против декларацијата за заштита на ликот и делото на Гоце Делчев, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата критикува за односот на пратениците од власта кои нема да се заложат да го бранат споменот на македонскиот деец како едно национално богатство.  Ја повикаа владејачката коалиција итно да ја поддржи Декларацијата.

На денешната Комисија за надворешна политика пратениците од СДСМ/ДУИ гласаа против Декларацијата по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, со што истата не беше усвоена – информираше пратеникот Антонио Милошоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат и дека од 2018 година Комисијата за култура не ја објавува програмата за одбележување јубилејни годишнини од значајни историски настани и личности, меѓу кои и чествувањето на Гоце Делчев кое оваа година го направивме заедно со Бугарија.

Ваквата стратегија диригирана од СДСМ/ДУИ значи уште една потврда за обид на бришење на македонската институционална меморија. Бараме одговор од власта и владејачкото мнозинство на прашањето, дали има интенција овие личности понатаму да бидат избришани и од учебниците, од институциите, па и од архивите на државата? – вели пратеничката Даниела Христова.

Од СДСМ пак се правдаат дека Декларацијата за Делчев ќе нанесела штета на ликот и делото на великанот.

-Декларацијата е нивно политичко подметнување со цел да се продлабочат поделбите меѓу граѓаните. Ваквото политичко понижување на делото на Делчев и штета на грбот на националниот интерес покажува дека нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за цел градење политички кариери преку одржување на спорот помеѓу двете земји, сметаат од СДСМ.

На 4 февруари,  ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе Декларација цел да се зацврстел темелот за ликот и делото на Гоце Делчев.

Во Декларацијата, меѓу другото, го повикаа Институтот за национална историја и Македонската академија на науките и уметностите во текот на 2022 година да организираат соодветни настани и да реализираат соодветни проекти со кои ќе се одбележи 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, Македонски пошти да издадат пригодна поштенска марка, а Министерството за образование да организира дополнителни активности со кои во основните училишта ќе се информираат учениците за ликот и делото на оваа личност од македонската историја.

Адријана Алексиеска

Advertisements