СБ: Економијата во Македонија ќе се врати на патеката од пред пандемијата дури следната година

Ништо од економското закрепнување годинава. По историски најголемата рецесија, нивото пред пандемијата Македонија може да го достигне дури во првиот квартал од 2022-рата – нотира Светска Банка во најновиот извештај. Земјава ќе ја заврши годинава со економски раст од 3,6%, а наредната со 3,5%, со што е на дното споредено со земјите од западен Балкан. Полоши резултати се очекуваат единствено во Босна и Херцеговина – раст од само 2,8%. Македонија доцни со вакцинацијата на населението, бројот на новозаболени се зголемил во февруари и март, а ескалирал бројот на смртни случаи – алармира Светска банка. Невработеноста се намалила, но не затоа што се отворале нови работни места.

Иако стапката на невработеност се намали – од 13,5 проценти во 2019 година на 12,6 проценти во 2020 – тоа главно беше резултат на зголемената неактивност, а до крајот на 2020 година во Западен Балкан се загубија скоро 70.000 работни места. Овие загуби непропорционално го погодија ранливото население во регионот, вклучувајќи ги жените и младите. Со 2020 година, невработеноста на младите порасна на 33,6 проценти прекинувајќи го петгодишниот тренд на намалување. изјави Сања Маџаревиќ Шујстер – Светска Банка.

Владата ќе мора да ги косолидира финансиите – велат од Светска банка. Се надмина црвената линија на јавен долг од 60% од БДП, кој годинава може да достигне и до 65%. Економистите сметаат дека ќе мора да се најдат начини за приходите во буџетот да се зголемат. Неминовно требало да се „чепне“ во парите на побогатите, односно да се зголемат даноците на имот и личен доход. Општините потфриле во собирањето на даноците на имот и не успеале да наплатат од граѓаните и фирми и да си ги подобрат финансиите. Владата ќе мора да продолжи да се задолжува, но предизвик ќе биде да ги насочи парите онаму каде што за тоа има најголема потреба.

„Проектираме дека јавниот долг оваа година и понатаму ќе биде под 65 проценти од БДП, се разбира со оглед на циклусот мерки кои беа преземени а дел се уште не се целосно реализрани, мислам на петиот и шестиот пакет мерки. Растот на јавниот долг ќе продолжи, но побавно во однос на претходно, бидејќи економијата е на пат на закрепнување, така што очекуваме позитивна стапка на економски раст што пак ќе придонесе за ограничување на растот на јавниот долг. Оваа година нема да се вратиме на нивоата пред пандемијата, но веќе на почетокот на следната година очекуваме закрепнување на домашната економија“,изјави Сања Маџаревиќ Шујстер – Светска Банка.

За Светска банка големите ценовни шокови кои ги предизвикаа поскапувањата на основните прехранбени производи се очекувани. Синџирите на снабдување биле нарушени, а транспортот отежнат. Кога логистичките проблеми ќе се надминат и цените ќе се стабилизирале. Во вакви услови сметаат дека Македонија има предност во земјоделството, па поголемото пропизводство и конкуренција можело колку толку да резултира со благо поевтинување на продуктите.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста