Савиќ: Нема елементи на кривично дело кај Латас, одлуката на Апелација е атак врз независноста на првостепениот суд

Адвокатката на Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан, Светлана Савиќ за Алфа вели дека одлуката на Апелациониот суд да ја укине ослободителната пресуда за случајот „Тревник“ е незаконска. Таа тврди дека нема судија или обвинител кој може да најде елементи на кривичното дело кое им се става на товар браќата Павловиќ. Според нејзините зборови дури и од Вишото јавно обвинителство побарале да се одбие жалбата на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи пресудата била законита. Таа вели одлуката на Апелација била атак врз првостепениот суд

-Тврдам дека нема судија, ни јавен обвинител во Република Македонија, кој не знае дека во овој предмет нема елементи на кривичното дело кое се става на товар и за тоа постои судска пракса. Тоа се потврди и на одржаната јавна седница пред Апелациониот суд, каде од страна на вишиот јавен обвинител беше даден предлог да се одбие како неоснована жалбата на Специјалното јавно обвинителство, од причина што пресудата е законита и во истата е даден одговор на сите спорни прашања, а тоа потврдено и во извештајот на ОБСЕ за оценка на предметите на СЈО. Не само што ја укинува првостепената пресуда, туку бара новата главна расправа да се одржи пред целосно изменет нов судски совет, што е спротивно на одредбите на ЗКП, вели Савиќ за Алфа.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста