Саудиска Арабија се отвора за странски туристи

Саудиска Арабија за првпат ќе се отвори за странски туристи, со цел да ја намали својата економска зависност од нафтата.

Кралството ќе лансира визен режим за 49 држави и ќе го олабави строгиот начин на облекување за посетителки. Издавањето визи досега беше ограничено само на аџии, бизнисмени и на странски работници.

„Ова е историски момент за земјата. Посетителите ќе бидат изненадени од богатствата што сакаме да ги споделиме, од кои пет се наоѓаат на листата на светското културно наследство на УНЕСКО“, кажа министерот за туризам Амад ал-Катеб.

Посетата на светите градови Мека и Медина останува забранета за немуслиманите, исто како и консумирањето алкохол.

Во 2017 година, Саудиска Арабија покрена голем проект за развој на туризмот, со кој 50 острови на Црвеното Море ќе бидат претворени во луксузни ресорти.