Сашо Мијалков осуден на 12 години затвор, оди во притвор 60 дена

Дојде од куќен притвор, замина во Шутка. Екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, доби 12 години затвор за предметот Таргет Тврдина.

„На обвинетиот Сашо Мијалков му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 20.11.2018 година до 01.12.2018 година и времето поминато во кучен притвор од 23.02.2021 година па натаму“, рече при изрекување на пресудата судијката Џанета Бегтовиќ.

Обвинителството побара мерката домашен притвор да му биде заменета со ефективен поради можноста за бегство.

„Се работи за човек кој што е добро ситуиран, поседува приватни бизниси, членовите на неговото семејство исто така поседуваат приватни бизниси, и сето тоа му става на располагање можности, пред се финансиски, организира логистика и може да живее во бегство сосем комотно“, рече Ристовска.

Адвокатот на Мијалков, Шврговски, вели оти одредената казна била драконска, а одлуката куќниот притвор да му се замени со ефективен вели била незаконска. Според Шврговски притворот на Мијалков не смее да трае повеќе од 60 дена.

Највисока казна за нелегалното прислушување добија прво обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се во бегство во Грција – двајцата по 15 години затвор. Поранешната министерка за внатрешни, Гордана Јанковска доби 4 години затвор. Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски е осуден на 6 години и 3 години судот одреди за обвинетата Надица Николиќ. За останатите обвинети во случајот, Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова, Васил Исаковски и Валентина Симоновска судот изрече условна осуда во траење од 2 години која нема да се изврши доколку во рок од 5 години не сторат ново кривично дело. За овие службеници во УБК олеснителна околност според судијката бил фактот дека тие работеле во пониски структури и постапувале по усни наредби.

Во предметот Таргет Тврдина, обвинетите се товареа за делата злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба, фалсификување на службена исправа за масовно незаконско прислушување на повеќе од 4600 граѓани, како и уништување на опремата за снимање со која го оштетиле буџетот за 87 милиони денари. Грујевски, Бошковски, Јакимовски и Јанкуловска, судот ги задолжи да ја надоместат штетата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста