Саниран дефектот на Блокот 1 во РЕК Битола?!

         Саниран е дефектот во Блокот 1 во РЕК Битола, кој пред три дена се случил заради пукање на цевки во Котелскиот дел. Во моментов Комбинатот продолжува да работи со два блока, при што Блокот 1 е со моќност од 100 мегават часови, а додека Блокот 2 со 160, ни потврдија доцна попладнево наши извори од Комбинатот. И од РЕК Битола, исто така, веќе информираа дека Постројката „во моментов работи со двата блока . Од таму уверуваат и дека „ископот на јаглен за производство на струја во РЕК Битола се одвива непречено, а паралелно тече и увозот на јаглен од Албанија. Владата на Република Македонија и АД ЕСМ ги презедоа и ги преземаат сите неопходни чекори за да нема рестрикции на струја во земјава. Во функција се два Блока на РЕК Битола, работи РЕК „Осломеј“, а од денеска продолжува со работа и ТЕЦ „Неготино“, – информираат од РЕК Битола.  

  Во меѓувреме, како што е познато, во РЕК Битола веќе трет месец надвор од мрежа е и Блокот 3, откако на 5-ти ноември, минатата година таму изби пожар од кој целосно беше онеспособена трафостаницата. Неговата санација се уште трае и покрај тогашните оптимистички најави на раководството на Комбинатот дека тоа релативно брзо ќе се реши, наспроти тврдењата на извесни експерти  дека за тоа ќе бидат потребни најмалку шест месеци.

    Инаку, овие состојби со кои се соочуваат македонските термолектрани, се случуваат во ек на сериозна енергетска криза во земјава и среде грејна сезoна. Недостигот од електрична енергија, државата подолго време го решава со увоз на енормно скапа струја, чиј товар очигледно паѓа врз грбот на граѓаните.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста