Самсоненко обвинува дека фирмата „Кратер“ незаконски присвоила удел од неговата вреден десетици милиони евра

Рускиот бизнисмен и поранешен сопственик на ракометниот и фудбалскиот клуб „Вардар“, Сергеј Самсоненко, обвинува дека фирмата „Кратер“ незаконски си присвоила удел во неговата фирма вреден 9,5 милиони евра. Адвокатката на фирмата на Самсоненко СИС ИНВЕСТ ГРУП ДОО, Сања Трајановска, за Алфа објаснува дека тоа се случило преку извршител, пред два месеци, и покрај тоа што фирмата на Самсоненко веќе и исплатила на “Кратер“ долг од 3,2 милиони евра – како што претходно било договорено.

-Поради определено затајување на институциите и злоупотреба на правниот систем во Македонија, „Кратер“ успева да спроведе извршување, првично над Офицерскиот дом, а подоцна и над уделите на Самсоненко во две негови фирми, од кои, едниот удел е прилично висок од 9,5 милиони евра, а вториот е дури 10 милиони евра. Сумата е енормна за разлика од долгот што го побаруваат, некаде околу 500 илјади евра . Односно, за 500 илјади извршуваат 19 милиони евра, што е сериозен удар, објаснува Трајановска.

Се почнало во 2016 година, кога две фирми на Самсоненко: споменатата СИС ИНВЕСТ ГРУП како носител на одобрение за градба и БАЛКАН ГРУП КОНСТРАКШН ДООЕЛ како изведувач на работите – од една страна и „Кратер“ на сопственикот Миле Младеновски, како изведувач на машинска инсталација на објектот – од друга страна,  склучуваат Договор за деловно техничка соработка со гаранција.

-Она што е изведено од страна на „Кратер“ како машински инсталации на лице место, не соодветствува со она што тие го побаруваат. Во 2018 тие почнуваат да извршуваат долг од 2 милиони евра, неоснован затоа што, според нашите судски вештачења според кои утврдивме дека не е инсталирана опрема од 2 туку од 1 милион евра – сума што е уредно платена со текот на годините од страна на Самсоненко, вели Трајановска.

Подоцна, според Трајановска,  се случуваат други недоследности, по што „Кратер“ успева незаконски да стане сопственик на удел во фирмата носител на одобрението за градба. За ова Самоненко дознава откако веќе била извршена промена во Централниот регистар.

-Во 2018 „Кратер“ незаконски поведува стечајна постапка на фирмата на „Самсоненко“ изведувач на Офицерскиот дом, постапката трае 2 години, со што за да се запре се и Самсоненко да може да продолжи да гради, се сложува да му исплати 2 милиони евра. Имаме и изјава од „Кратер“ дека се согласуваат со запирање на стечајната постапка, додава таа.

Адвокатот на фирмата „Кратер“ за Алфа вели дека нема да ги коментираат обвинувањата.

-Нема да даваме изјава, си ја тераме постапката пред надлежните органи бидејќи имаме потреба од тоа заради наплата на долг, вели Александар Димитриевски, адвокат на „Кратер“.

Според адвокатскиот тим, Самсоненко, кој е и македонски државјанин, до сега има инвестирано околу 100 милиони евра во Македонија во различни области. Очекуваат позитивен исход од сите судски постапки. Инаку Самсоненко проектот за офицерскиот дом го презема во 2015 година откако грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас кој претходно го почна градењето во 2011 година, беше уапсен во Грција поради затајување данок. 

Искра Коровешовска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста