Само 13 приговори за локалните избори: Можна промена на резултатот само во Гостивар

Само 13 приговори за локалните избори во Македонија, кои само во Гостивар можат да го променат конечниот епилог од првиот изборен круг. Таму сегашниот градоначалник Арбен Таравари не победи во неделата за само 96 гласа.

Па Алијанса за Албанците и Алтернатива преку два од своите шест приговори, бараат сумирање на резултатите за градоначалник и советници во Гостивар. Доколку ДИК ги прифати овие приговори, тоа би значело пребројување на гласовите, и можна победа на Таравари во првиот круг.

Малиот број приговори е очекуван ако се знае дека сите политички субјекти ги оценија изборите како фер и демократски, а позитивна оценка пристигна и од ОБСЕ. Од таму споменаа дека имало нерегуларности како притисоци, заплашување, поткуп, нарушување на изборниот молк. Но, станувало збор за изолирани случаи, кои не би влијаеле врз изборниот резултат.

Оценувајќи ги како позитивна реформа, порачаа дека мал проблем во неделата биле фингерпринт апаратите, но веруваат дека тоа ќе биде надминато за вториот круг.

-Кратката временска рамка за распределување попречи на способноста на ДИК да изврши целосни процедури и да обезбеди целосна обука и да ги едуцира гласачите што ќе беше корисно. Сепак повеќето наши соговорници им посакаа добредојде на овие уреди, за кои сметаат дека се ефективни за спречување на измама, Тана де Зулуета- шефица на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија.

Два од трите приговори на ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат за прекршување на предизборниот молк, за што опозиција се пожали уште вечерта по затворањето на избирачките места.

За разгледување и одлучување по приговорите ДИК треба да закаже седница. Според роковникот, таа е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на ДИК, партиите ќе може да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста