Самитот на ЕУ за излез од кризата заврши без договор

Корона кризата ќе остави трајни последици врз економијата, но лидерите на ЕУ не успеаја да постигнат договор за седумгодишниот буџет и како да се излезе побрзо од кризата. Идниот месец ќе се одржи нов Самит.

ЕУ членките треба да се договорат околу предложениот план за рестартирање на економиите, инструмент  кој изнесува 750 милијарди евра. Овој фонд се предлага да биде надополнување на редовниот повеќегодишен буџет за периодот 2021-2027, за кој исто така сѐ уште нема компромис.

Холандија, Финска, Шведска и Данска и натаму се во клинч со јужните земји, кои се и најпогодени од кризата, како здравствената така и економската.

Премиерот на Холандија, Марк Руте, попладнево изјави дека „не е страшно“ ако не се постигне договор ниту на следниот лидерски состанок, кон средината на јули, и дека е можно да нема воопшто договор до крајот на летото.

Другите лидери на крајот на состанокот предупредија дека решение мора да се најде итно за да се спаси „кредибилитетот на Унијата“.