Самитот меѓу Трамп и Ким, започна со ракување и насмевки

Вториот самит на лидерите на Северна Кореја и САД, Ким Jонг-ун и Доналд Трамп почна денеска во Ханој со ракување и насмевки.

Двајцата лидери се ракуваа пред знамињата на своите земји во хотелот „Метропол“ во престолнината на Виетнам.

„Се радуваме на состанокот, двете страни“, изјави Трамп.

На прашањето дали тој можеби формално ќе стави крај на Корејската војна, Трамп рече: „Ќе видиме што ќе се случи, но сакаме да направиме нешто големо“.

Се очекува, состанокот „еден на еден“ да трае 20 минути, а потоа ќе следи вечера на која ќе бидат присутни и други членови на двете делегации.

Ова е втор самит на Трамп и Ким. Првиот се одржа во Сингапур во јуни минатата година.

Белата куќа претходно соопшти дека на вечерата ќе присуствуваат и државниот секретар на САД Мајк Помпео и шефот на кабинетот на Трамп, Мик Малвени, како и двајца помошници на Ким, но и преведувачи.

Трамп и Ким ќе остварат средба и утре.

Виетнамските власти ветија исклучително високи безбедносни мерки, додека Вашингтон и Пјонгјанг уште пред неколку дена испратија припадници на своите безбедносни сили.

Севернокорејскиот лидер е сместен во хотелот „Мелиа Ханој“, а Трамп во „ЈВ Мериот“.