Самит во Софија: Заев и Борисов не кажаа ниту збор за бугарското вето, Меркел со порака дека мора да се согласиме

Бугарското вето барем официјално не било тема на разговор на долго-очекуваниот самит во Софија. Ниту Заев, ниту Борисов во своите изјави не ја споменаа блокадата на стартот на преговорите со Европската унија. Единствено некаква порака испрати германската канцеларка Меркел, која ни порача дека со Бугарите сме морале да согласуваме. Во воздух остана да виси дали тоа значи дека Македонија ќе мора да најде начин да се договори со Бугарија, која не уценува да се откажеме од својот идентитет и јазик и да признеме дека Македонија не постоела пред 1945 година.

-Берлинскиот процес секогаш е поврзан и со помирување на недоразбирањата и наследството од минатото и се надеваме дека овој процес ќе продолжи. А за регионот она што морам да го кажам, мора да се согласувате, не заборавајте затоа што тоа е многу важно, изјави Ангела Меркел.

Новинарски прашања во Софија немаше, па не се ни откри што се преговарало зад затворени врати. Наместо она што е најголем интерес за јавноста во моментов, Заев и Борисов, говореа само за декларативни предлози за соработка меѓу земјите од регионот.

-Сите ние се согласивме дека треба да ги унапредиме нашите напори за дополнителен реален напредок во реформските процеси, како и да се унапреди регионалната економска соработка и да се постават темелите за одржлив раст, изјави Заев.

-Земјите членки на Европската унија за 2050-та година тврдо имаме план за нула емисија на гасови, а другото би било во лојална конкуренција. Исто така е наша идеја, наша желба е 20 милиони население на Балканот да биде со повеќе приходи, изјави Борисов.

Додека Меркел, Заев и Борис не кажаа ништо за блокадата кон Македонија, тоа на почетокот на самитот од Берлинскиот процес го кажа шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева. На досегашните барања за јазикот и идентитетот, таа ги додаде и забелешките дека Македонија не направила ништо за изградбата на пругата и автопатот кон Бугарија. Захариева порача дека напредок е постигнат само во туризмот, но и тоа пред пандемијата, што според неа не е доволно.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста