Сакал да збори за локални теми: Шилегов одби да коментира за скандалозните обвинувања за дивоградбата

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов не сака да зборува за скандалозните обвинувања дека градел дивоградба на четири ката. Додека опозицијата изнесува тврдења за сериозен и голем скандал поврзан со градскиот татко, тој сака оваа тема да не била на дневен ред, туку да се зборувало за локалните проблеми на скопјани. Сепак, кратко кажа дека од опозицијата лажеле, а ќе чекал да види до каде ќе оделе, по што ќе одржел само една прес конференција.

-Ајде да се договараме во натпревар на идеи и политики, политиката е натпревар на идеи, што е тоа што ние како луѓе кои претендираме да бидеме градоначалници во наредните четири години сакаме да го понудиме на скопјани како такво, да не се занимаваме со црни пропаганди. Мислам дека на сите ни е преку глава од поделби, од омраза, од сеење на делби, мислам дека граѓаните заслужуваат еден спокоен развој, вакви објекти што е можно повеќе, како институции да ги стимулираме инвеститорите да отвораат, изјави Шилегов.

Од опозицијата пак сметаат дека молкот на Шилегов значи дека е бил фатен жив во криминал. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски вели дека првиот човек на Скопје, немал дозвола за градба на својата семејна зграда. Предупредуваат и дека градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев е негов соучесник и побараа од него да го урне објектот, а не да го штити Шилегов.

-Ако не го сопрат ова насилство на Шилегов, СДСМ Богоев ќе докажат дека се дел на урбаната мафија. Никој во соседството каде што живее Шилегов и каде ја гради семејната зграда во оваа урбанистичка четврт наречена Z 04, не сме да има куќа повисока од 8,8 метри, односно приземје, кат и поткровје. Само Шилегов на диво, додава цели два ката, изјави Стоилковски.

Додека ВМРО-ДПМНЕ обвинува за сериозни криминали со дозволи за градење во кои е директно поврзан градскиот татко, Шилегов и по 4 години на власт, не знае колкав бил нивниот број во Скопје. Она што уште повеќе фрла сомнеж во овој случај, е што градоначалникот пред неколку дена се правдаше дека немал правна можност да реагира за отстранувањето на дивоградбите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста