Сајтот „kupuvamdomasno.gov.mk“ пак паѓа, за дел од експертите тоа е предизборен поткуп

Сајтот кој вчера го промовираше министерката за финансии „kupuvamdomasno.gov.mk“ и денеска не е достапен за граѓаните. Час паѓа, час станува, но никако да се отвори и да се види кои се оние 325.000 лица кои ќе добијат платежна картичка за купување домашни производи.

Покрај овој проблем, се пролонгира и рокот, па сега граѓаните нема да ги добијат картичките до 3-ти јули како што беше најавено, туку до 18-ти јули. Парите пак ќе може да ги потрошат до 15-ти август.

За дел од експертите, одложувањето на картичките е знак дека се купува време и се темпира тие да се воведат пред избори, што преставува класичен предизборен поткуп и манипулација со граѓаните.

Универзитетскиот професор Дарко Лазаров, се сомнева дека помошта се темпира со датумот за избори, и не била ниту малку издржана.

Картичките ги работат девет банки, а граѓаните на сајтот преку матичниот број може да се информираат кога ќе ја добијат и дали дома или од банка.

На списокот се речиси 114.000 активни невработени и социјалци кои ќе добијат по 9.000 денари. По 3.000 денари ќе добијат над 117.000 вработени лица со приход помал од 15.000 денари месечно. По 3.000 ќе добијат и околу 87.000 средношколци и студенти. А картичка со 40% од последната нето плата ќе добијат и речиси 4.400 здравствени работници вклучени во борбата со пандемијата.

Борис Грујоски