Сагата на Македонија со набавката на вакцините против корона ја мина секоја граница

Блам и срам на Владата откако во еден ден прво помпезно најавија дека конечно стигнуваат првите вакцини во Македонија, за неколку часа подоцна да го откажат настанот за примопредавање на вакцините. И тоа со штуро образложение дека недостигала техничка документација.

Владина делегација предводена од премерот Зоран Заев беше подготвена денеска да замине за Табановце. Акредитирани беа и новинарите за да ја пренесат веста број еден со оглед на фактот дека вакцините од Србија ќе беа први што пристигнуваа во Македонија, откако земјава остана меѓу последните во Европа без ниту една доза од анти ковид вакцините.

Но, вчера пред полноќ стигна кусо известување – настанот се одложува, ќе се одржи на друг датум. Алфа се обиде да стапи во контакт со кабинетот на претседателот Александар Вучиќ, но оттаму не добивме повратна информација зошто се одложи примопредавањето на вакцините.

Несериозноста на Владата, пак ги зовре социјалните мрежи. За граѓаните, најавите по принципот пу пу не важи се срамни и скандалозни особено во период кога светот е во глобална трка за вакцини, а болниците во земјава се полни со ковид позитивни пациенти. Голем дел од нив пак иронично се шегуваа оти ова е уште една во низата најави за најави од страна на Владата. Прашуваат зошто се најавува нешто што не може да се направи и зарем владата не знаела за техничката документација?

„Значи цело време ширеле лажни вести дека ќе дојдат утре вакцини од Србија. Не е можно да не знаеле дека нема услови“.

„Е сега ме разочаравте, а таман фатив ред за вакцинација“.

„Протоколи, пардон, циркузи за циркузи имаме јавно видени. Погрешни знамиња, химни, термини… Сето тоа е доказ за неспособност“.

„Заев, колку ти можеш да излажеш, толку ние не можеме да запомниме“, пишуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Ниту Заев, ниту Филипче денеска не излегоа да и објаснат на јавноста каде настана грешката и зошто вакцините ниту денеска нема да стигнат во Македонија.

Во меѓувреме, власта со месеци се фали дека Македонија била најподготвена за прием, чување и употреба на вакцините, а освен најави за набавки до сега не кажаа ниту еден конкретен датум кога тие ќе стигнат во земјава.

Македонија се уште ги чека најавените 5800 дози од вакцините на „Фајзер“, но и кинеските 200.000 дози што Министерството за здравство ги договори со производителот „Синофарм“. Не се знае ниту кога ќе стигнат вакцините преку Ковакс механизмот, кои беа најавувани уште од минатата година.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста