САД се соочуваат со сериозен проблем во испораката и доставата на стоки од странство

Празни полици и поскапи производи – Соединетите Држави се соочуваат со сериозен проблем во испораката и доставата на стоки од странство. Стотици бродови се уште се заглавени и чекаат истовар на американските пристаништа.

Време е за ручек во ресторанот „Зелено бистро“ во Арлингтон, Вирџинија. По лошата година поради пандемијата овде повеќе не недостигаат муштерии.

Но, фалат многу други работи. Како на пример нова рерна во кујната.

„На тој дел чекаме веќе два и пол месеци. Можеби е на брод, можеби е се уште во фабрика, можеби е на пристаништето, можеби е во камион“, вели Трејси О Грејди, главен готвач во „Зелено бистро“.

Ковид-19 предизвика сериозен застој во производството во Кина. Потоа наеднаш започна испораката, но стоката заглави во американските пристаништа. Таму нема доволно работници да ги растоварат стотиците бродови кои чекаат крај брегот.

Се чина дека повеќето Американци чекаат нешто.

„Нашата зграда има централна климатизација која треба да биде поправена. Чекаме две недели за деловите и се уште ги нема. Истото е и за џакузито на кровот од зградата“, рече Лиса Фенингер, сопственичка на стан.

Веројатно многу деца ќе останат и без посакуваните подароци за Божик.

„Се обидувам да добијам Плејстејшн 5 повеќе од една година. Има блогови каде пишува каде може да најдете, дека е достапно, но додека стигнете таму веќе е продадено“, рече Лиса Харе, мајка.

Списокот е голем – нема велосипеди, автомобили, патики, електроника.

Џејмс Сампсон е сопственик на повеќе сервиси за бела техника во околината на Вашингтон. Речиси сите резервни делови доаѓаат од Кина. За испорака порано чекал три до пет дена, а сега и до осум недели.

„Тоа влијае на нашите муштерии. Влијае на цените зашто трошоците за испорака се качуваат, а влијае и на потребното време за да ги завршиме поправките“, вели Џејмс Сапмсон, сопственик на сервиси за бела техника.

Како сопственик на мал бизнис Сампсон вели дека не може да се натпреварува со големите синџири кои закупуваат цели товарни бродови.

„Ќе има долгорочни последици, без сомнеж“, рече Сампсон.

Американскиот претседател Џо Бајден објави дека пристаништата во Калифорнија се согласиле да работат 24 часа на ден, вклучително и за викендите, за да се надмине застојот.

Но, тој рече и дека долгорочно Соединетите Држави треба повеќе да инвестираат дома.

„Никогаш повеќе нашата земјата и нашата економија да не можат да ги прават суштинските производи кои ни требаат зашто немаме пристап до материјалите за правење на производот“, вели Џо Бајден, претседал на САД.

Намалената понуда во комбинација со зголемената побарувачка ја подгреа инфлацијата.

Републиканците обвинуваат дека повисоките цени се резултат на пакетот тежок 1.9 трилиони долари кои го одобрија Демократите а со кој повеќето Американци добија по неколку илјади долари директна државна помош.

Администрацијата на Џо Бајден, пак, вели дека повисоката инфлација е само привремена и дека ќе се стабилизира.

Во Соединетите Држави цените на мало биле поголеми за 5.4% во септември во споредба со истиот месец лани. Тоа е значително повеќе од проекцијата според која растот требаше да достигне најмногу 2%. Најголеми поскапувања има кај енергенсите, храната и кириите.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста