САД повторно се вртат кон нуклеарните централи – експлозиите во дилема

Еколозите со децении имаат мешани чувства за нуклеарната енергија. Сега, администрација на Џо Бајден се одлучи посериозно да се посвети на овој енергетски извор, и покрај грижите за безбедноста.

Оваа нуклеарна централа која има два реактори произведува околу 20% од струјата во сојузната држава Вирџинија. 

Во САД има речиси 100 нуклеарни реактори. Тие ќе бидат од суштинско значење за земјата да ги достигне целите поставени од претседателот Џо Бајден за нула емисии на стакленички гасови, смета советничката за клима, Џина Мек Карти. 

Не очекувам дека старите нуклеарни реактори ќе се користат уште долго. Но очекувам да бидат безбедни и да продолжи нивното користење на начин кој ќе ни овозможи да ги држиме ниски емисиите на стакленички гасови. – вели Џина Мек Карти, Советничка за клима во Белата куќа.

Освен безбедноста, производството на струја од нуклеарна енергија е релативно компактно. За да се замени еден реактор од еден гигават би биле потребни многу соларни панели и ветерни турбини кои би покриле површина неколку стотици пати поголема од онаа што е потребна за нуклеарна централа. 

Ден Стодард е раководител на секторот за нуклеарна енергија на Доминион Енерџи. 

Нуклеарната не е доволно признаена како енергија која не загадува. Мислам дека ние како индустрија не го комуницираме добро тоа со што сме делумно виновни. Нуклеарната енергија е одлична приказна. – рече Ден Стодарт, раководител за нуклеарна енергија во Доминон Енерџи.

Со децении групите за заштита на животната средина предупредуваат за ризикот од нуклеарната енергија и посочуваат на несреќи како оние на островот Три милји во САД, Чернобил во Украина и Фукушима во Јапонија. Тие исто така се загрижени за безбедното складирање на радиоактивен отпад на долг рок. 

Гринпис, коj некогаш беше во првите борбени редови, повеќе активно не се залага против нуклеарната енергија во САД. 

Групата го одби барањето на Гласот на Америка за интервју на оваа тема. Но, испратија соопштение во кое велат дека „нуклеарната енергија е скапа и опасна и фактот што загадувањето не е видливо не значи и дека не постои“. Групата вели дека „наместо трошење пари за нови нуклеарки, администрацијата на Џо Бајден треба да се фокусира на исфрлање на фосилните горива и на инвестиции кон транзиција кон економија базирана на обновлива енергија“. 

Во индустријата за нуклеарна енергија сметаат дека ова е застарено размислување. 

Овие централи, дел од нив стари речиси 50 години, никогаш досега не биле побезбедни. Нуклеарната индустрија во САД има неверојатно добро искуство во однос на безбедноста на операциите. – рече Ден Стодарт, раководител за нуклеарна енергија во Доминон Енерџи.

Нуклеарните централи остануваат најголем извор на чиста електрична енергија во САД, но не траат вечно, а засега се градат многу малку нови.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.