САД: Непријатни изненадувања за Демократите, расте рејтингот на Републиканците

Непријатни изненадувања за Демократите – Републиканците победија во трката за гувернер на Вирџинија за прв пат по една деценија и тоа со кандидат кој никогаш немал јавна функција.

А во Њу Џерси иако гувернерот од Демократската Партија, Фил Марфи, беше реизбран, трката беше многу тесна.

Во Вирџинија кандидатот на Демократите, Тери Мек Олифи, се обиде да го поврзе противникот Глен Јанкин со Доналд Трамп во обид да привлече гласачи за себе. Републиканците, пак, се фокусираа на прашања кои ги засегаат обичните луѓе – даноци, образование, криминал.

Јавното мислење во моментов е дека Демократите кои имаат контрола во Вашингтон не можат да го направат она што рекоа дека ќе го направат, брендот на Демократите е нарушен-рече Марк Розел, Универзитет Џорџ Мејсон.

Ваквиот впечаток кај јавноста пред се е резултат на планот на американскиот претседател Џо Бајден, „Да изградиме повторно подобро“, кој со месеци беше заглавен во Конгресот а конечно беше изгласан доцна синоќа.

Со него се предвидуваат 1.75 трилиони долари за социјални трансфери и борба со климатските промени.

Ќе ја намали инфлацијата, ќе ги зголеми платите, ќе ја зголеми конкурентноста, ќе креира два милиони работни места годишно-рече Џо Бајден, претседател на САД.

Републиканците на резултатите од изборите во Вирџинија и Њу Џерси гледаат како на доказ дека јавноста не го прифаќа планот на Џо Бајден.

Демократите треба да ги послушаат гласачите и да престанат со непромисленото оданочување и трошење, да престанат да се обидуваат да наметнат социјалистичка трансформација која американскиот народ никогаш не ја побарал – изјави Мич Мек Конел, сенатор од Републиканската Партија.

Демократите остануваат на ставот дека токму планот „Да изградиме повторно подобро“ е она што го сакаат гласачите.

Предизвиците со кои се соочуваат американските семејства и работници денес се огромни. Агендата на претседателот Бајден е намалување и справување со голем дел од нивните тешкотии. Тоа е она што американскиот народ го сака и она што му треба-вели Чак Шумер, сенатор од Демократската Партија.

Демократите имаат тенко мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом. Следната година се одржуваат избори за членови на Конгресот, а резултатите од гласањето за гувернер на Вирџинија и на Њу Џерси го зголемија оптимизмот кај Републиканците кои се надеваат дека ќе ги освојат и двата законодавни дома.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста