САД го одбележуваат 4. Јули Денот на независонста

И покрај пандемијата Соединетите Држави ќе одржат официјална прослава по повод Денот на Независноста. Главниот настан ќе биде токму овде, во строгиот центар на Вашингтон каде за подоцна попладнево е закажан прелет на воени авиони и секако традиционалниот огномет.

„Поздрав до Америка“ ова е мотото под кое Соединетите Држави ќе ја одбележат 244 годишнината од основањето. Корона вирусот не ја предомисли администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Во главниот град ќе има, како што е најавено, спектакуларен огномет од 10 илјади ракети распоредени во должина од речиси два километри и прелет на воени авиони.
Одделот за внатрешни работи апелираше посетителите да одржуваат социјална дистанца и најави дека ќе бидат поделени 300 илјади заштитни маски кои сепак не се задолжителни.

Портпаролката на Белата Куќа Кејли Мекенани одговорајќи на новинарско прашање упати охрабрувачки пораки велејќи дека Претседателот е оптимист.

„Тој е уверен дека има составено револуционерен, првокласен тим кој ќе премине преку бирократијата и ќе ни даде вакцина. Уверен е дека ќе не однесе до состојба каде веќе ќе немаме Ковид“, вели Мекенани . 

Градоначалничката на Вашингтон, пак, Мјуриел Баузер апелираше жителите да останат дома и да избегнуваат големи собири.

„На жителите на Вашингтон им ја упатуваме истата порака како и за сите други собири за време на празничниот викенд. Запрашајте се, дални мора да бидете таму? Запрашајте се дали може да очекувате или да знаете кој ќе биде близу до вас?“, изјави Баузер

Локалните власти објаснуваат дека тие немаат ингеренции да го спречат одржувањето на прославата бидејќи таа ќе биде на федерален имот.

Сепак, Белата Куќа направи одредени отстапки – годинава ја нема традиционалната парада и читањето на Декларацијата за независност.

 Од друга страна повеќе градови и сојузни држави ги откажаа чествувањата по повод 4-ти Јули, а дел од нив за празничниот викенд ги затворија плажите и другите јавни површини каде се очекуваа поголеми собири.

Оригиналните 13 колонии имаат изгласано независност од Обединетото Кралство на 2 јули 1776, а два дена подоцна е објавена и Декларацијата за независност со што и официјално биле конституирани Соединетите Американски Држави. Токму затоа 4-ти јули е и најголемиот национален празник.

„Тоа е голем настан. Третиот претседател, Томас Џеферсон, ја има почнато традицијата со тоа што ја отворил Белата Куќа за јавноста. Денот на Независноста во суштина е за да се сплотиме како нација и за да се присетиме на нашата историја“ изјави Лина Ман историчар во Белата Куќа . 

 За многу имигранти 4-ти Јули е денот кога положуваат заклетва со што и официјално стануваат американски државјани. Многу церемонии се откажани а некои прилагодени на социјалното дистанцирање.

Сепак, традиционалните излети и правење скара на отворено и годинава се неизоставен дел од славењето, но во потесен круг на семејството.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста