САД бараат начини како да помогнат во глобалната дистрибуција на вакцини

Во Соединетите Држави досега се дистрибуирани над 235 милиони дози на вакцини против Ковид-19. Сега Вашингтон е под притисок да направи повеќе за достапноста и еднаквиот пристап до имунизација на глобално ниво.

На домашен терен вакцинацијата се одвива без поголеми проблеми, па Белата куќа сега размислува како да им помогне и на другите држави.

Гледаме што да се направи со некои од вакцините кои ние не ги користиме. Мора да се осигураме дека се безбедни да бидат пратени. Се надеваме дека ќе можеме да им помогнеме на земјите низ светот-рече Џо Бајден, претседател на САД.

Индија и Јужна Африка преку Светската трговска организација побараа времено укинување на правата на интелектуална сопственост за патентите за вакцини што би им овозможило ним, но и на други земји да произведуваат генерички верзии. Добија поддршка од 80 членки, но не и од Европската Унија и Соединетите Држави. Белата куќа не открива зошто.

Во моментов разгледуваме низа опции кои би помогнале во справувањето со глобалната пандемија, но не можам да кажам нешто друго-рече Џен Псаки, портпаролка на Белата куќа.

Администрацијата на Џо Бајден е под притисок од фармацевтските компании кои велат дека заштитата на патентите е клучна за развојот на вакцини против нови варијанти на вирусот и зголемување на производството.

Но соочен со агресивна медицинска дипломатија од Кина и Русија, Бајден може да изгуби дел од глобалниот углед доколку не ги ослободи патентите.

Сега другите земји гледаат на САД како некој кој приграбува, ги купува сите достапни дози на вакцини и не ја дели технологијата за да им овозможи на земјите да направат свои. Всушност, особено средно развиените земји не  бараат дози. Бараат технологија, за да можат самите да ги направат вакцините за своето население. Изгледа неверојатно скржаво доколку САД речат „не“-рече Метју Кавана, Универзитет Џорџтаун.

Соединетите Држави веќе вложија 4 милијарди долари во Ковакс, системот за споделување на вакцини на Обединетите Нации и започнаа иницијатива за дистрибуција во Југоисточна Азија.

Но, Светската Здравствена Организација смета дека и натаму има „шокирачки дисбаланс“ во глобалната распределба на вакцините.

Во просек во земјите со високи приходи 1 од 4 има примено вакцини. Во земјите со ниски приходи тоа е 1 од 500. Да повторам, 1 од 4 наспроти 1 од 500-рече Тедрос Аданом Гебреизус, генерален директор на СЗО.

И додека некои држави како Израел, САД и Велика Британија имаат целосно или делумно вакцинирано меѓу 40 и 60% од населението, има и такви каде се уште не е пристигната ниту една доза.

На глобално ниво досега се дистрибуирани речиси 1.1 милијарда дози од вакцините или околу 14 дози на 100 жители.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста