Руско-украинската криза е можно да влијае на цената на електричната енергија

Руско-украинската криза е можно да влијае на цената на електричната енергија. Министерот за економија не верува дека ќе има проблеми во снабдувањето, но не ја исклучува можноста за ново поскапување поради рекордните вредности на енергенсите на светските берзи.

Струјата веќе порасна за речиси 10%, а повлече и бран поскапувања на другите производи. Од први март престанува да важи одлуката за замрзнати цени на основните артикли, па е можно покачување на лебот, млекото, маслото, месото.

Надлежните уверуваат дека тоа нема да се случи зашто во сила ќе стапи ограничување на маржата кај трговците.

Се определува највисоката трговска маржа до 5 посто на продажната цена, пресметана  во трговијата на големо, а до 10 посто на продажната цена на трговија на мало. Трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 посто се вклучени рабатот и надоместоците кој трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови односно полици – изјави Бектеши.

Но, и пред ваквите мерки цените драстично пораснаа. Граѓаните велат дека и сега едвај ја полнат кошничката во маркетите.

Дека веќе има сериозно поскапување покажуваат и пресметките за синдикалната минимална лошница. Таа во јануари „тежела“ 35.811 денари или дури 770 денари повеќе од декември.

Кога беше најавен поголемиот минималец Владата се пофали дека со две најниски плати ќе може да се наполни оваа кошничка, па дури и да останат пари. Сега, уште пред да почне исплатата на повисоки примања тоа повеќе не е случај.

Според последните податоци на Народната Банка годишната инфлација односно годишниот раст на цените во јануари изнесувал 6.7%.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста