Руските вакцини остануваат заглавени, Филипче се правда дека протерувањето на рускиот дипломат нема врска со доцнењето

Дали заострените односи меѓу Македонија и Русија ја одложија испораката на 200.000 дози на руските вакцини „Спутник В“? Ваква дилема се отвори откако министерот за здравство Венко Филипче пред два дена призна дека нарачаните вакцини требало да стигнат до крајот на мај. Одговор зошто испораката не била на време, побарал и од рускиот амбасадор во земјава. Филипче е дециден – задоцнетата испорака нема поврзанот со рускиот дипломат кој беше протеран од Македонија.

Кон средината на минатот месец, руски дипломат беше прогласен за персона нон грата и доби рок од седум дена да ја напушти земјата. За случајот се огласи и претседателот Стево Пендаровски кој рече дека „станувало збор за документиран случај, а не за импровизација“. Руско – македонските односи ги вжешти и изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој изрази поддршка за територијалниот интегритет на Украина, во време на заострени односи помеѓу Вашингтон и Москва.

Инаку, во Македонија во моментов има близу 11.000 вакцини кои се користат за вакцинирање со прва доза. Дека обемот на имунизација е намален, сведочат и билтените на Министерството за здравство каде се забалежува дека прва доза од анти ковид вакцините во изминатите неколку денови примаат по едвај 2500 граѓани, а овој број беше четирикратно поголем пред две недели.

Филипче најави дека за една недела во Македонија треба да стигнат 500.000 кинески вакцини „Синовак“. Со овие вакцини, според надлежните ќе се отвори можност граѓаните и без закажан термин да се вакцинираат на некој од вакциналните пунктови.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста