Русија го смета за непријателски чин протерувањето на нејзиниот дипломат од Македонија

Непријателски чин за кој ќе следуваат контрамерки – вака Русија и официјално реагираше на прогласувањето на нивниот дипломат за персона нон грата во Македонија. По неколкудневниот молк, се огласи официјална Москва кој го осуди чинот.

На 14 мај беше преземен непријателски чин против руската дипломатска мисија во Македонија. Еден од дипломатите беше прогласен за персона нон грата. Остро ги осудуваме ваквите немотивирани активности кои не можат а да не влијаат на односите меѓу Русија и Македонија. Следуваат контрамерки – информираат од Руска амбасада.

Пред речиси една недела, рускиот амбасадор Сергеј Александровиќ бил повикан во македонското МНР каде што бил известен дека дипломатот мора во рок од седум дена да ја напушти државата. Но, и покрај заканите од Москва, шефот на македонската дипломатија оптимист. Верува дека протерувањето на дипломатот кој најдоцна до утре треба да ја напушти земјава, немало да ги влоши односите. Бујар Османи дециден – никогаш немало да дозволи прогласувањето на одреден дипломат за непожелно лице поради несоодветно однесување, да влијае на состојбата во дипломатско-конзуларни претставништа во земјата од која доаѓа дипломатот.

Оваа одлука не е поврзана со нашите односи со руската федерација иако се случува во контекст кога ние се солидаризираме со нашите сојузници по однос на некои однесувања на руската федерација. Имаше неочекувана реакција од јавноста и по однос на мојата претходна одлука да се придружам на САД, на Чешката република и така натаму. Јас мислам дека тоа е лажна дилема која што се отвора во јавноста дали ние сме со САД или со Русија. Таа одлука државата ја има донесено уште од независноста. Овој случај е директно поврзан само со правилата на однесување на дипломати и тоа не треба да рефлектира понатаму во некое влошување на односите – вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Ова не е прв пат Македонија да прогласи одреден дипломат за непожелна личност. Земјава презеде вакви мерки и во 2018 година, веднаш по скандалот со труењето на Сергеј Скрипал во Велика Британија. Сепак, оваа одлука беше донесена во знак на солидарност со Велика Вританија, САД и ЕУ. Во изминативе неколку недели повеќе европски држави преземаа активности за откривање на шпионски групи во своите земји и, следствено на тоа, прогласија многу руски разузнавачки службеници како персона нон грата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста