Рубљи за гас: Најавата на Владимир Путин – проблем за Европа и за Македонија?!

Ќе има ли руски гас, само за руска рубља? Рускиот претседател Владимир Путин веќе ја услови продажбата за т.н. „непријателски земји“, меѓу кои е и Македонија. Таа се уште не е оперативна, но дилемата е што доколку стане и официјална? Експертите предупредуваат дека притисокот е кон европа чие единство е ставено на тест. Ескалацијата на еконосмката војна се чини е неизбежна, а цехот од неа ќе го плаќаме сите.

Многу неизвесност и многу проблеми ќе предизвика потегот на Владимир Путин – продажбата на гас да го услови со купување со руски рубљи. Во земјите од ЕУ веќе се вклучи алармот, но засега нема единствен став околу одлуката на шефот на Кремљ. Таа е спротивна на актуелните договори, рускиот гас да се купува во американски долари, но проблемот е што ќе се случува доколку стане и оперативна. Во таков случај, притисокот ќе биде кон државите од Европа кои повеќе или помалку се директно звисни од рускиот гас. Едногласната одлука против би значела и заострување на економската војна, но дали е тоа возможно и да се случи засега е тешко да се предвиди, сметаат експертите.

  • Европските држави реагираат дека тоа е кршење на договорите. Но очигледно е дека Путин сака да ги ослабне санкциите. Германија над 60% увезува гас за своите потреби, Италија над 1/3, а Америка е енергетски независна. Путин сака да го спаси падот на рубљата, која што изгуби многу од вредноста од 24 февруари па на ваму, па така ситуацијата е многу не јасна, вели за Алфа Петар Гошев, поранешниот гувернер на Народната банка.

Ако состојбата ескалира, проблемот ќе стане сериозен и за Македонија, која е целосно зависна од рускиот гас. Најлошото сценарио би било Русија да ги затвори вентилите. Но не помналку и самата купопродажба да мора да биде во рубљи, што ќе значи дополнителни трошоци за компаниите:

  • Истото ќе важи и за Македонија, во прашање е само што ќе се добие со цените, и преку вредувањето на валутите, не само преку директното зголемување на цените на енергенсите. Значи земјата да плаќа со далари и евра, зашто со денари не може да се плати, доларите и еврата кои што ги поседуваат нашите компании да ги разменат во рубљи, па со рубља да се плати набавката од Русија, додава Гошев за Алфа.

Во меѓувреме официјална Москва соопшти дека нема отстапување од планираното. Портпаролот на Кремљ изјави дека и Бугарија ќе мора да плаќа во рубљи, но не и Србија која има посебен статус.

Москва ќе се обиде да ги реши плаќањата на рускиот гас за Србија изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

  • Тој (српскиот претседател Александар Вучиќ) е во право, тоа навистина може да биде проблематична ситуација“, изјави Песков за новинарите.

Песков истакна дека Бугарија е „непријателска“ кон Русија, додавајќи дека ќе мора да плаќа во рубљи за рускиот гас, „сакале или не“.

  • Но, тоа не важи за Србија. Тоа е проблемот што треба да се реши, а грижата на Србија ќе биде приоритет за нас“, рече Песков.

Вучиќ претходно изјави дека ќе биде проблем плаќањето на рускиот гас во рубљи.

Во меѓувреме се огласи австриската групација за нафта и гас „ОМВ“ која најави дека ќе продолжи да го плаќа рускиот гас во евра, а не во рубљи:

  • Ова е основата на нашиот договор, не смеам да постапувам поинаку“, изјави шефот на австриската компанија.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги предупреди државите на ЕУ да не потклекнуваат пред руските барања. Би било понижувачки доколку некоја ЕУ-држава го направи тоа, напиша Кулеба на Твитер.

  • Доколку која било земја од ЕУ ги послуша понижувачките барања на Путин да плати нафта и гас во рубли, тоа ќе биде како да и помагаме на Украина со едната рака, а на Русите да убиваат Украинци со другата, порача Кулеба.

Инаку, Русија состави список на земји „непријатели“, што се совпаѓа со земјите кои и воведоа санкции поради инвазијата на Украина. На листата се наоѓаат САД, членките на ЕУ, Велика Британија, Јапонија, Канада, Норвешка, Сингапур, Јужна Кореја, Швајцарија и Украина.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста