Стравот од неексплодирани бомби на Галичица неоправдан?

По пожарот кој избувна на Галичица кога наводно се слушнале преку 20 експлозии и по изјавата на првиот човек на Центарот за управување со кризи дека не е безбедно гаснењето со луѓе и хеликоптери поради големиот број мини и експлозиви, беше најавена акција за пронаоѓање и уништување на неексплодирани убојни средства. Но, акцијата на опожарениот дел на Галичица се сведе на четири дневна активност која ја спроведуваа две лица, а пронајдоа само една артилериска граната од 60 мм и една рачна бомба од Првата светска војна.

„Оваа активност не беше за чистење на теренот на Галичица, ова беше активност предвидена 2-ца, јас и еден колега излеговме да го проконтолираме оној терен каде што пожарот поминал надевајќи се дека вегетацијата е сега изгорена, така да визуелно пребараваме да видиме дали има некаков остаток. Од она што ние го видовме на терен немаме сознанија дека се случиле такви работи, бидејќи не видовме траги од поголема експлозија што не ја исклучува можноста дека навистина се случило. Можеби било експлозија на некое неексплодирано средство кое горе било како заостаток“, вели Драгољуб Попоски од Дирекцијата за заштита и спасување.

Јас би бил многу среќен доколку нема повеќе неексплодирани убојни средства на Галичица, но длабоко сум убеден дека не е така, вели Антонио Додевски од Планинарската спасувачка служба. На планината не може да има мапа бидејќи не се работи за минско поле, но мислам дека е невозможно да се направи комплетно чистење на планината од овие средства, тоа би било процес кој би траел многу години.

„За да се направи темелно пребарување на теренот, треба да се работи во строго дефинирани квадранти поставени на топографска карта и секој квадрант детално да биде прегледан, што е многу долга работа. Самиот пристап до некои делови од планината каде што треба да се пребарува е по 4-5 часа пешачење за да се стигне до местото. Понатаму, мене не ми се познати техниките на отстранување, дали тоа е возможно или дали е безбедно да се носат во ранец на грб, бидејќи дел од нив нема како поинаку или ќе треба да се носат на грб или ќе треба со воздухоплов“, вели Додевски.

Додевски кажа дека често наоѓаат неексполирани убојни средства на Галичица кои не се опасни доколку не се чепкаат, но во случај на пожари ситуацијата е апсолутно небезбедна. Од Дирекцијата за заштита и спасување пак велат дека немаат опиплив доказ дали и каде има убојни средства на Галичица. Ова го отвора прашањето дали навистина беше неоходно вклучување и на еден хеликоптер на Воздухопловниот ВИНГ и дали неексподираните убојни средства беа само изговор за неуспешното гаснење на пожарот кој со денови беснееше на Галичица се додека не заврна дожд.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста