Родителите се жалат за недостиг на редовните вакцини за бебињата – од Министерството уверуваат дека ќе има

Повеќе од два ипол месеци родители не можат да ги вакцинираат своите бебиња бидејќи во Македонија има недостиг на шестовалентни вакцини. Мајка на шестмесечно бебе се пожали во нашата редакција дека цели два месеци ја препраќаат од една во друга здравствена установа во потрага по вакцина, но не успеала да најде на ниту еден вакцинален пункт.

Прво се обратила во скопската Поликлиника Јане Сандански од каде и било посочено дека веќе подолг период немаат шестовалентни вакцини за дечињата па ја советувале да побара во градовите од внатрешноста. Се обидела во неколку ЈЗУ во повеќе градови во западна Македонија, но сегде го добивала истиот одговор. Дека шестовалентни вакцини нема.
Од Министерството за здравство повеќе пати за медиумите тврдеа дека немало недостиг на вакцини. Денеска од надлежното министерство ни одговорија дека нарачаните вакцини за имунизација на децата биле стигнати во Македонија и наскоро ќе бидат распраделени во вакциналните пунктови.

„Шестовалентните вакцини се стигнати во земјава пред неколку дена, во тек се завршните постапки во МАЛМЕД и вакцините ќе бидат дистрибуирани по вакциналните пунктови“, велат од Министерството за здравство.

Но, од надлежното министерство и минатата недела тврдеа дека вакциналните пунктови на стартот од оваа недела ќе ги добијат вакцините, но неделата веќе завршува, а тие и денеска не се дистрибуирани.

Во меѓувреме, голем број родители, кои со месеци чекаат вакцините да дојдат во Македонија, а времето според вакциналниот календар за имунизација на децата им тече, спас бараат во соседна грција. Веќе и јавно се споделуваат искуства на социјалните мрежи во кои родители не кријат дека им вадат пасоши на своите новороденчиња за да ги вакцинираат кај јужниот сосед, бидејќи таму во секое време можеле да ги најдат овие вакцини.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста