Родителите мака мачат да купат лаптоп, најзагрозените бараат субвенции

Илјадници родители мака мачат како да купат лаптопи за нивните деца да можат да следат настава претстојната учебна година.  Најзагрозените кои живеат со пониски примања и од минималецот не знаат што да прават. Немаат пари за да врзат крај со крај, а камоли за да купат лаптоп. Под итно бараат државата да даде субвенции и тоа целосни за најсиромашните. Има семејства со примања и под 10 илјади денари, кои се под секаков стандард за нормален живот, со повеќе деца, кои истовремено треба да следат настава.

Родителите се гневни откако вчера министерката за труд Шахпаска им порача да го чекаат Викендот без ДДВ од 10-ти до 12-ти октомври за да набават компјутери и лаптопи.  Велат оние со најниски примања не можат да си дозволат никаков екстра трошок.

Субвенции за набавка на лаптопи не се предвидени во 4-тиот пакет антикризни мерки. Родителите кои сега купуваат лаптопи нема да добијат никаква помош. Царовска вели дека државата не можела да помогне во моментов, бидејќи тоа бил долг процес, кој можел да потрае и до второто полугодие.

По огромната побарувачка за ИТ опрема пред стартот на учебната година, ретко каде може да се најде лаптоп низ продавниците за компјутерска галантерија. Поевтините лаптопи се веќе купени. Ако до пред некој ден можело да се најде лаптоп и до 15 илјади денари, сега најевтиниот  чини 40 илјади денари. Семејствата кои не можат да си дозволат ваков голем трошок, чекаат на донација од хуманите граѓани. Дел од нив, заедно со некои компании веќе почнаа да им делат нови, но и половни компјутери и лаптопи на најзагрозените семејства.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста