РКЕ: Исклучените од парно од април нема да плаќаат паушал

Со големо задоцнување исклучените од парно конечно ќе го добијат она што со години го бараа. Од следниот месец тие повеќе нема да плаќаат паушал како до сега, велат од Регулаторната комисија за енергетика, која конечно ги објави новите правила за снабдување со топлинска енергија.

  • Од април исклучените од парно греење повеќе нема да плаќаат фиксен надоместок, предвидуваат новите предлог-правила за снабдување со топлинска енергија што денеска на седница ги разгледа Регулаторната комисија за енергетика, истакна претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

За корисниците на парното пак, од први август се воведува нов начин на пресметка на сметките. Според претседателот на комисијата, сметките за парно нема да се зголемат кај оние кои ќе останат приклучени на системот, и покрај укинувањето на одредбата со која досега исклучените плаќаа фиксен надоместок.

Во однос на оние кои би сакале да се исклучат од системот за парно греење, РКЕ предлага тие да имаат обврска да изработат елаборат со кој ќе докажат дека новиот начин на греење нема има проблем во снабдувањето на струја.

  • Доколку има несоодветен начин на греење и парното греење се замени со греење на електрична енергија кое има висока потрошувачка, може да настанат проблеми во снабдувањето со електрична еерргија. Од тие причини секое домаќинство кое има право да се исклучи треба да докаже дека новиот начин на грење ќе биде енергетски поефикасно од тоа што досега го имал преку системот за топлинска енергија, рече Бислимовски.

Од Регулаторна препорачуваат Градот Скопје и Владата да најдат механизми за субвенционирање на потрошувачите кои користат топлинска енергија и на оние кои се греат на природен гас. Се забранува и исклучување од парно на ранливите категории во зимскиот период.

Во однос на празните станови во кои никој не живее, дополнително ќе се разгледуваат начините на тарифирање.

Од невладиниот сектор кој со години протестираше против укинувањето на паушалот, велат дека редно време било некој да го чуе нивниот глас. Но, прашуваат што ќе биде со оние граѓани на кои до сега присилно им се земаа пари од нивните сметки, за плаќање на надоместокот.

Новите правила предвидуваат домаќинствата кои ќе сакаат да се исклучат од парно, ќе мора да побараат дозвола од 50% плус еден граѓанин од станарите кои живеат во зградата. Инаку, од градско парно во моментов исклучени се близу 12.000 домаќинства.

Борис Грујоски