Ристовски најави сериозни реформи во спортот за да нема корупција
Реформи за значајни спортски резултати. Новото министерство за спорт ќе финансира врвни спортисти. Претходниот систем на делење ваучери во спортот беше корумпиран, вели министерот Борко Ристовски и додава дека ќе се промовира нов начин на финансирање на спортот. Прво ќе се направат законски измени за да се спречат злоупотребите во спортот. Второ ќе се постават приоритети кои ќе бидат повеќе финансирани од државата. Тие се 4-те федерации со најголеми спортски успеси, поделба на спортовите на олимписки и неолимписки и поттикнување онаму кадешто има најголем потенцијал за медали од меѓународни натпреварувања. Веќе следната недела ќе биде објавен првиот јавен повик за финансирање на врвен спорт, на којшто ќе можат да аплицираат сите што се натпреваруваат во Европа.
Државна инспекција ќе влезе во Кошаркарската федерација на Македонија, најави министерот за спорт. Ако инспекторите најдат нешто сомнително , ќе има санкции – вели Ристовски. Ваквите најави доаѓаат откако селекторот на јуниорската репрезентација, обелодени дека неговите избраници, кои дојдоа до златниот медал на ЕП дивизија Б, јаделе „скапана храна“, тренирале во пекол и биле приморани да пешачат по еден час двапати на ден на 45 степени температура, а тој бил изложен на закани од луѓе од самиот врв на федерацијата.
Ристовски исто така најави и одземање на државната помош за спортистите кои рекламираат казина и обложувалници. Според него нивните потези се недостојни, а неговото министерство треба да воведе ред, односно систем на вредност и начин на однесување на спортските функционери и на спортистите.