Револтот расте, Царовска не се откажува од проектот со учебниците

На нашите ученици не им е интересно во училиште. Тамошните активности не го задржуваат нивното внимание вака министерката за образование го брани ставот за  дигитализација на учебниците иако за оваа нејзина идеа доби големи критики од родителите и стручната фела. Мила Царовска уверува дека промените се за доброто на учениците, но и денеска политиката проба да ја протне како причина за револтот на граѓаните , па на родителите им порача да не потпаѓале под влијание на партиските ботови.

Апсолутно тоа е погрешна слика која некој се обидува да ја постави и групите имаат дел родители, но исто така е многу интересно што во нив имаме и партиски структури. Затоа ги повикувам родителите на бидат информирани, детално да ги следат одговорите на прашања коишто ги пласира МОН како надлежна институција, да не подлегнуваат на манипулации, на партиски ботови кои се поставуваат во одредени групи – вели Мила Царовска.

Со оваа изјава Царовска дополнето го разгоре гневот кај родителите, наставниците , невладини организации. Тие веќе неколку дена се мобилизираат на социјалните мрежи и потпишуваат петиција против дигитализација на учебниците.

Согласно незадоволството на родителите за укинување на печатените учебници и најавата за евентуално продолжување на онлајн наставата од Септември 2021 година, ја формираме оваа петиција. Ако не реагираме сега, ќе имаме уште една изгубена година за нашите деца – стои во петицијата на која до сега се собрани речиси 12 000 потписи. .И на социјалната мрежа „Фејсбук“ е формирана група „Учебници и настава мора да има“ која до сега брои 50 000 членови.

Надлежните се одлучни да ги укинат досегашните учебници, а четвртоодделенците од септември да учат по нова програма.. Царовска најави дека училиштата ќе набавуваат електронски уреди и ќе печатат учебници само за децата од социјално ранливите категории, сите други ќе мора сами да си набават компјутер. Според министерката анкетите покажувале дека учениците сакаат анимација, а не само здодевни информации и досегашните учебници ги прогласи за неквалитетни.  Неизвесно е и дали учебната 2021/2022 ќе започне со физичко присуство за сите ученици. Од ресорното министерство велат рано е да се разговара за тоа, без да се знае каква ќе биде епидемиолошката состојба со корона вирусот.

Адријана Алексиеска