Револтирани родители, збунети наставници – СОНК остро реагира на половичните решенија за школската година

Многу нејаснотии кај наставниците и кај родителите пред стартот на новата учебна година. Од СОНК со остра реакција до властите – велат недозволиво било директори на училиштата да бараат од наставниците сами да си носат компјутери за онлајн настава, бидејќи такви ресурси за работа треба да обезбеди школото.

„Ги убедуваат дури и ако компјутерите им се со послаби перформанси или да ги надградат или да купат нови на сопствен трошок што е апсолутно неприфатливо и ние како Синдикат таква работа нема да поддржиме, односно остро реагираме на ваквите барања“, вели првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.

Со идентичен, но и уште посериозен проблем се соочени родителите на илјадници дечиња кои немаат од каде да им купат компјутери на децата за да следат онлајн настава. Државата најде половично решение за овие дури 40.000 ученици кои наставата, наместо од дома ќе ја следат во училница. Родители до редакцијата на Алфа реагираат за ваквата политика на поделба, но и се жалат оти им било кажано дека децата од прво до трето одделение кои се пријавиле за онлајн настава ќе учат во попладневните часови кога родителите ќе им се вратат од работа. За ова наставниците се уште не слушнале – распоредите не им се дадени, но велат нема да дозволат на мала врата да им се протне некаква одлука да држат часови повеќе од законски превиденото.

„Имаме информации дека онлајн наставата ќе се следи паралелно со физичката настава, тоа би значело дека додека наставникот работи со физиќка настава со ученици, сето тоа да биде снимено и да оди во живо. Меѓутоа дополнително ангажирање што ќе биде надовр од тој термин и дополнителни активности надвор е од Законот и колективен договор, освен ако работникот и работодавецот не се договорат за дополнителна плата“, вели Неделков.

Се уште неизвесно е и дали учебната година ќе почне со физичка настава за децата од прво до трето одделение. Од МОН најави дека тоа ќе зависело од епидемиолошката слика во земјава.

Одлука нема ниту за средношколците – тие побараа од надлежните да им дозволат комбинирана настава, во спротивно најавија бојкот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста