Револт кај 85 илјади невработени – останаа без картички и без работа

Пари за сите, освен за оние на кои им се најмногу потребни. Платежни картички од државата нема да добијат речиси 85 илјади луѓе. Тие извисија бидејќи биле пасивни баратели на работа, односно се пријавувале на секои 6, наместо на 1 месец. Виолета Милошевска од Гостивар е една од нив. Без никакви приходи, вели не е фер по 32 години, да остане без помош. Агенцијата за 3 децении ниту еднаш не и понудила работа, иако таа редовно се пријавувала. Кога конечно минатата есен поради здравствени проблеми, не можела да се пријавува секој месец, влегла на листата на пасивни лица. Токму поради овој потег, сега не и следуваат 9.000 денари.

За министерката за финансии Нина Ангеловска овие лица намерно сакаат да бидат евидентирани како пасивни бидејќи работеле на црно или како хонорарци. Картичка не заслужувале бидејќи не биле премногу финансиски загрозени.

Пасивните невработени се револтирани од изјавата на Ангеловска. Велат  разочарани се од неажурноста на државата да им најде работа, а на сметките имаат нула денари. Уверуваат дека тоа лесно може да се провери, а државата брзо да реагира и да им додели картичка. Сметаат дека се двојно дискриминирани, и без работа, и без пари. Веќе поднеле приговори.

За разлика од пасивните невработени кои останаа со празни раце, вработените на минималец ќе добијат и ваучер за да одат на летување и картичка со 3 илјади денари за трошење. Граѓаните кои не можеа да се најдат на списокот на добитници поднесоа 30.000 приговори. Сега е ред на институциите да ги поправат грешките поради неточните податоци.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста