Револт и критики за новите рестриктивни мерки

Бурни реакции во јавноста по најавите на министерот за здравство Венко Филипче за задолжително носење на заштитна маска на отворено дури и ако пешачите сами. Граѓаните се револтирани – реагираат оти мерката е неиздржана и без аргументи, пред се поради фактот дека доктори инфектолози тврдат дека на отворено вирусот тешко се пренесува. Врие и на социјалните мрежи. Корисниците прашуваат дали во Комисијата за заразни болести има некој нормален и каде е логиката да носи маска по улица, во парк или на отворено, кога сте сам?

„Под итно да се укине мерката носење маска на отворено!!! Ги поддржував до сега сите ваши мерки, но оваа НЕ!“

„Наместо како доктори да давате совети како сите ние да си го подобриме имунитетот, вие сакате уште толку да не дотолчите“.

„Навистина веќе сте далеку од здрав разум со меркиве. По улица маски да носиме, а во угостителски објект без маски да седиме. Министре ставете прст на чело пред да ги предлагате меркиве, ПРЕТЕРАВТЕ!“, се само дел од реакциите на социјалните мрежи.

Пулмологот доктор Ангелко Ѓорчев вели оти медицинска оправданост за носење маски по улица нема, но оти идејата е да стекнат навика сите оние кои не ги почитуваат мерките за заштита ниту во затворен простор. Сепак вели контрадикторна е одлуката маски да се носат на отворен простор, но не и во кафеана. Клучно е вели надлежните да санкционираат, оти само така граѓаните ќе се научат да ги почитуваат протоколите.

„Луѓето мора да се навикнат да ги носат, но за хронично болните би можело една модификација да се направи да тие не носат маски на отворено. А инаку, за другите мерки, носење маска на затворено, почитување на дистанца тоа се мерки кои што треба да се имплементираат. И уште еднаш ќе нагласам, мора да се преземат казнени мерки за да оние коишто го загрозуваат животот на своите најблиски и на останатото население треба да бидат казнети“, вели доктор Ангелко Ѓорчев, интернист пулмоалерголог.

Исклучок од ваквата одлука ќе има за спортистите, децата помали од шест години, но и лицата кои се возат во приватно возило, а живеат во исто домаќинство. Сепак, останува дилемата, како граѓаните ќе докажуваат пред полицајците оти излегле да спортуваат, па ќе избегнат да платат казна за не носење на маска? Страв има и кај родителите на мали деца, кои реагираат оти ризикот нивните деца меѓусебно да си го пренесат вирусот е голем, а со тоа и шансите да го донесат дома кај повозрасните.

Новите одлуки на Комисијата за заразни болести, министерот Филипче ќе треба да ги образложи пред владиниот кабинет, а конечната одлука дали ваквите мерки имаат оправданост ќе ја донесе Владата.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста