Целосно ограничување на движењето за време на претстојниот празничен викенд, односно полициски час од сабота во 19 часот до вторник во 5 часот изутрина, предложи Комисијата за заразни болести на денешниот состанок. Причината за ваквата препорака, според министерот за здравство била зашто сите заразени во изминатите денови во огромен процент биле од семејни собири.

– Со оглед дека има непочитување на мерките, нормално е да има нови случаи, па сметаме дека само вака ригорозна мерка ќе има вистински ефект, рече Филипче.

Тој најави дека сите други ослободувања, вклучувајќи отворање на угостителските објекти и евентуално скратување на полицискиот час се остава за наредната недела. Доколку Владата донесе одлука денес, угостителските објекти може да се отворат веќе во вторник.

Во меѓу време, кафетериите и угостителските објекти остануваат под клуч до вторник. Иако владата бараше да се отворат вратите на локалите кои речиси два месеци беа под клуч, сепак Комисијата за заразни болести не даде амин тие да почнат со работа. Угостителите бараат сериозна помош од државата.

– Пријавување на цело работно време. Пријавувањето да биде на цела плата и да сме целосно осигурени, здравствено осигурени.Сето тоа да се регулира. Една од точките, викендите кои ги работиме ние угостителските работници, прекуврмената работа и работата за време на празник да биде платена, согласно Законот за работни односи и Колективниот договор, рече Влатко Николоски, потпретседател на Синдикат на угостители.

Од синдикатите за угостителство и туризам, немаат прецизна бројка колку работници останале без работа поради пандемијата, зашто како што велат, од 3 работници во овие сектори, само 1 е пријавен. Според Комората, бројката на пријавени вработени во угостителско-туристичкиот сектор е 29.000.

И додека угостителите на големо чекаат да почнат со работа, добар дел од нив ги бројат загубите. Во меѓу време Сашо Нановски, сопственикот на „Нано бар“ за Алфа рече дека сите остануваат на ставот дека ќе ги почитуваат препораките, и мерките на заштита.

Граѓаните пак сакаат враќање во нормала, но со строго почитување на препораките.

Покрај угостителските објекти, веќе од следната недела се очекува да започнат со работа и казината, затворените базени, но и фитнес-клубовите.

Борис Грујоски