Реорганизацијата на министерствата се очекува да придонесе за поголема ефикасност на институциите
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, министерство за спорт, поделба на министерството за труд и социјална политика, ресорот туризам од Министерството за економија оди во Министерството за култура. Реорганизацијата на институциите што ја планира ВМРО-ДПМНЕ откако ќе се формира новото мнозинство, предвидува досегашната Агенција за млади и спорт да биде трансформирана во Министерство за спорт, а секторот млади да влезе во реструктуираното Министерство за социјална политика, демографија и млади. Ресорот труд пак, од досегашното Министерство за труд и социјала, влегува во Министерството за економија. Се планира и министерството за информатичко општество и администрација, да стане за дигитална трансформација – така ќе имало поголема транспаренстност и отчетност пред граѓаните, но и подобри услуги.
Според аналитичарите, оваа реорганизација во комбинација со конкретни реформски мерки се очекува да гарантира подобра функционалност на институциите.
Со оваа реорганизација, се очекува подобро да функционираат институциите и да се насочи кон професионалност и услуги за граѓаните. Победничката ВМРО-ДПМНЕ на изборите која ги планира овие реформи, ќе треба да добие поддршка од другите партии, бидејќи со оваа реорганизација и конкретни реформи, ќе се гарантира функционалноста на институциите – вели аналитичарот Александар Ристевски.
Eнергетичарите се децидни – министерство за енергетика е нужно, требало да се отвори уште од поодамна, ако сакаме да ги следиме светските трендови за енергетска независност и вложување во овновливи извори на енергија – бидејќи тоа е иднината на овој сектор.
Еден сектор, кој во Буџетот учествува со 1 милијарда и 200 милиони, тогаш заслужува да има свое Министерство. Ако во овој сектор е потребно, да се вложуваат знатно средства. инвестиции, ќе се градат нови објекти, ќе се работи на енергетска ефикасност, што е едно системско барање на меѓународната заедница, а тоа е и нешто со што доведува до енергетска независност, во делот на обновлива енергија и сончеви колектори, и потребно е специфично следење на сето ова, аналитика и достигнувања, институција која ќе ги следи сите тие работи. Јас долго време апелирав, и сметам дека вакво Министерство требаше да се отвори уште поодамна. Ја поздравувам оваа одлука, посакувам, прижелкувам ова да се случи. Со овие зборови наведувам и дека ова Министерство мора да размислува и за една дополнителна институциија, Институт за енергетика, научен, кој ќе биде врска меѓу министерствата, академската заедница, насочени невладини здруженија – вели професорот Константин Димитров.
За најголем дел од овие планови, посебно во делот на министерствата, на ВМРО-ДПМНЕ ќе им биде потребно двотретинско мнозинство во Парламентот. Дополнителниот –заменик министер Стефан Андоновски, претходно порача дека очекува поддршка од сите политички партии бидејќи, станувало збор за национален проект а не проект на една партија.
Прв закон кој што треба да се менува и е 2/3 закон е законот за организација и работа на државната управа. Јас кажувам дека тоа треба да е национален проект, не може да биде проект на една политичка партија. И затоа начинот на кој ќе се носи во Собрание нема да биде едностран. Ние како предлагачи, бидејќи се од нашата програма, можеме да изработиме една драфт верзија, посочува Андоновски.
Во моментов има 16 министерства, а со планот на ВМРО-ДПМНЕ оваа бројка ќе се зголеми на 18. Од друга страна, партијата на Христијан Мицкоски има план за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90.