Ременски обвинета за „Меѓународен сојуз“, реагира оти функционираат политички елиминации

„Нарачки за политички елиминации на најгруб можен начин сè уште функционираат…“

Самоодбрана или барање спас? Остра критика, очекувања за соработка со техничкиот министер на МВР и негодувања на Ременски, по обвинението против неа за случајот „Меѓународен сојуз“. Во него е пишано, оти Ременски му помагала на Боки 13. Со својот углед и авторитет го поддржувала на средбите со бизнисмени, давајќи му совети и упатства, за оштетените инвеститори да стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат пари и да стават параф на договорите.

-Изборот на денешниот ден не е случаен, имајќи предвид дека политичките амбиции на одредени лица се многу силни, за да се имаат на ум професионални мои ангажмани во минатото, јас не би додавала друго. Очигледно е дека конструкции без докази можат да станат обвинение, а тоа секако ќе се докаже, меѓутоа за тоа некој ќе треба да сноси и одговорност, а можа слободно да кажам дека со овој процес можам да најавам и реформа на Јавното обвинителство, изјави Ременски.

Таа тврди оти од медиумите дознала за обвинението, а тоа говорело за начинот на кој функционирале институциите. Со доза на критика и негодување сподели оти доброволно се повлекува од сите можни политички ангажмани во СДСМ.

-Јас воопшто не очекувам ништо поврзано со мојот политички ангажман, доброволно се откажувам. Јас не очекувам соработка со останатите институции, но очекувам соработка од новиот министер за внатрешни работи, кој можеби ќе има слух за некои прашања, изјави Ременски.

Првпат во јавноста Ременски кажа оти поднела 16 кривични пријави, без да прецизира на што истите се однесуваат, против кого се и кога се доставени.

-Кога ќе ги имате сите обвинети од СЈО, а и кога ќе ги имате на слобода сите можни криминалци, а кога професор на факултетот за безбедност кој поднел 16 кривични пријави ќе го ставите во апсурден судски процес, за да докажува углед и авторитет, мислам дека на секого ќе му биде јасно за што зборувам, вели Ременски.

За потсетување, кога за првпат беше повикана да даде исказ во Обвинителството за случајот, таа тврдеше оти пријателството со Бојан Јовановски не било тема на муабет, туку била повикана само како сведок, а не да објаснува со кого и како се познава.

-Не зборуваме за лични релации, ниту мои и ваши новинарке, па така не можам да кажувам за некои други лични релации што не се во контакт со кривично правниот настан кој го истражува ЈО, изјави тогаш Ременски.

Во обвинението, за невладината на Боки 13, Меѓународен сојуз, освен тој, кој се товари за измама и перење пари и Ременски, за помагање во измама, обвинети се и таткото на Бојан, Миле Јовановски, соработничките Јасна Мандиќ, директорка на 1ТВ и Христина Блажевска.
Според обвинението,  Јовановски како претседател на невладината, измамил двајца бизнисмени, па лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица, како и дека ќе добиел државни субвенции. Успеал да убеди двајца бизнисмени, преку авторска агенција, првиот да исплати 720 илјади евра, а вториот 233.000 евра. Двете обвинети од невладината ги подготвувале договорите, потоа ги подигнувале уплатените пари и му ги давале на рака на Боки 13.

Според обвинителството, криминалните малверзации, обвинетите ги правеле од јули 2017 до април 2018 година.

Обвнителството бара Мандиќ да остане во куќен притвор, Боки во Шутка, за другите нема побарано мерки.

Сања Трајковска Ставров 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста