Рекордна дупка во буџетот од 920 милиони евра, минимално кратење трошоци, максимално задолжување

Минимално кратење на трошоци, максимално задолжување. Јавниот долг сигурно ќе ја надмине критичната точка на задолженост од 60% од БДП. Ова е предвидено во вториот ребаланс на буџетот годинава, кој е рекордно најголем во историјата на Македонија. Расходите достигнаа нов плафон, надминаа 4 милијарди евра, додека приходите се речиси исти – 3.2 милијарди евра. Тоа значи дека Владата не очекува брзо закрепнување на  бизнисот, а со тоа и нови приливи од даноци, придонеси и други давачки. Буџетскиот дефицит руши рекорди, од првично планираните 282 милиони евра, со првиот ребаланс веќе се зголеми на 750 милиони, за сега треба да достигне дури 920 милиони евра. Дупката во државната каса се зголемува за 170 милиони евра. Владата која веќе издаде Еврообврзница од 700 милиони евра, сега ќе се задолжува на домашниот пазар. Најверојатно 100 милиони ќе бидат од депозити, а 100 милиони задолжување кај домашните банки.

Владаат минимално скрати од министерствата. Каљпиталните инвестиции кои првично беа проектирани на 420 милиони евра, сега се се скратија за дополнителни 18 милиони евра, или на 300 милиони евра. Министерот за финансии Бесими тврди дека се кратело од ставките за мебел, возила, доградба на објекти на министерства, се реалоцирале пари во други институции, но не се кратело кај клучните проекти. Бесими признава дека реализацијата од едвај 44% на капиталните инвестиции до крајот на септември е резултат на намалените активности.

Дупката во државната каса само досега изнесува 5,3% од БДП. Владата тврди дека рекордно најголемиот дефицит кој до крајот на годината треба да достигне 8,4% од БДП бил на ниво како и кај другите европски држави. Се очекува рецесија од 4,4% годинава. За разлика од нас, меѓународните финансиски институции се поголеми песимисти. Неодамна ЕБОР излезе со проекција за економски пад на Македонија од 5%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста